Скопје
Герасимовски: Пријавувајте проблеми со јавната чистота
Граѓаните може да пријават косење трева, реконструкција и санација на урбана опрема или собирање смет на јавните површини под надлежност на Општина Центар на телефонскиот број 076 350 767. Општина Центар и ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ ги потсетуваат граѓаните дека проблемите поврзани со јавната чистота и други комунални проблеми може да ги пријават на општинските служби и хигиеничарите на ПОЦ да ги решат. Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, известува дека досега на телефонската линија во ПОЦ се јавиле 159 граѓани кои побарале одредена услуга и за неа добиле решение.
„Ги повикувам граѓаните да ги пријавуваат проблемите. Хигиеничарите ги извршуваат своите дневни обврски по реони, меѓутоа свесни сме дека многу бргу по чистењето на одредена локација, пак може да се направи мала депонија или слично, затоа упатувам апел граѓаните да ги пријавуваат проблемите на телефонскиот број со цел службите побргу да ги решаваат проблемите со јавната хигиена. Во делот на урбаната опрема, службите на ЈП ПОЦ може да ги побарате и доколку во вашата околина има скршена клупа што треба да се реконструира, искршена лулашка или слично. Верувам дека ова ќе придонесе да имаме побрзи резултати и зголемување на јавната хигиена во општината“, повикува Герасимовски.
Герасимовски исто така праќа апел граѓаните да пријавуваат собирање кабаст отпад во сопствените домови, а не кревети, вц-школки и одредени габаритни работи да исфрлаат сами и тие да стојат на одредена локација со денови. Општината Центар потенцира дека доколку граѓаните бидат начекани дека оставаат кабаст отпад пред контејнерите, ќе бидат санкционирани од страна на комунален инспектор. Во меѓувреме, цистерната на ПОЦ неколкупати во неделата ги мие улиците и контејнерите со цел да ја отстрани непријатна миризба и да ги освежи улиците од насобрана прашина, информираат од Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.
Македонија
(Фото) „Водовод“ отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје, известува, дека со цел да овозможи поголема достапност на услугите за своите корисници, отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров. По тој повод, директорот на претпријатието, Иван Митровски, изврши увид во функционирањето и подготвеноста на новоотворениот наплатен пункт.

„Со отворањето на овој наплатен пункт, на корисниците им се овозможува плаќање на месечните сметки, проверка на состојбата на долгот за потрошена вода и пријавување на состојбата на водомерите.

Наплатниот пункт е лоциран во постоечкиот објект на ЈП Водовод и канализација -Скопје, на улица Ѓорче Петров, до Тинекс маркетот, и ќе работи секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот“, соопшти „Водовод“.

Од таму информираат дека наплатниот пункт во Сарај е затворен.

