Скопје
Герасимовски: Ја чистиме депонијата кај „Ист гејт мол“ иако не е под наша надлежност
Општина Центар ја расчистува дивата депонија во близина на трговскиот центар Ист Гејт Мол која не е под нејзина надлежност. Ѓубрето кое беше натрупано со години, а не беше собрано се чисти од страна на службите на Општина Центар.
Градоначалникот Горан Герасимовски денеска направи увид на лице место да види како се одвива работата на службите.
„Иако не беше во наша надлежност, ние минатата недела започнавме со расчистување на дивата депонија. Депонијата од стари двоседи, троседи, фотелји, бела техника, облека и смет се расчистува од општинските служби. Оваа депонија е и под надлежност на градот Скопје, а под градот Скопје е и јавното претпријатие Комунална хигиена. Но, непостапувањето на градот не не спречи ние да не постапиме. Срамота е и недозволиво ова што се случува, во нашиот град доаѓаат туристи, а во близина има голем трговски центар. Депониите се потенцијален извор на инфекции. Не само за оваа депонија, туку за сите депонии мора да водиме грижа и да ја подигнеме свеста на повисоко ниво. Сите добро знаеме каде се фрла отпадот и сите треба да водиме поголема грижа за поздрава животна средина. Како општина секогаш ги засукуваме ракавите и бараме решение на проблемите за граѓаните да имаат подобри услови за живот“, рече Герасимовски.
Во месец септември, општината ја расчисти депонијата со смет и токсичен отпад зад ТЦ Буњаковец, во кој со месеци биле вселени бездомни лица и зависници. Акцијата беше спроведена по пријава на станарите од околните згради.
Од Општина Центар ги повикуваат граѓаните да пријавуваат дива депонија на телефонскиот број 02 3203 693, или, пак на веб-страницата: https://www.centar.gov.mk/?page_id=6768.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 04:00 до 08:00 часот, корисниците од населбите: Бутел и Север, општина Бутел, Топанско Поле и дел од Чаир, општина Чаир и Шуто Оризари и Визбегово, општина Шуто Оризари;
· од 07:30 до 15:30 часот, корисниците на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, броеви од 49 до 53, како и објектите во околината на Поликлиника – Идадија, општина Центар;
· од 08:00 до 16:00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов, подулици бр. 10, 15 и 18, општина Аеродром;
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од улицата Финска, општина Гази Баба;
· од 11:00 до 14:00 часот, корисниците од улицата Крагујевачка бр. 9, општина Карпош;
Македонија
Претседателот на Албанија во тридневна посета на Македонија, посебен режим на сообраќајот во Скопје
В четврток, петок и сабота, во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува Бајрам Бегај, претседател на Република Албанија.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на градот Скопје.
СВР Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и упатствата што ќе ги даваат униформираните полициски службеници, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Македонија
Вчера за првпат откако функциниора „Безбеден град“ не е регистрирано ниту едно минување на црвено светло
Првпат откако функциниора системот „Безбеден град“, на 24.02.2026 не е регистриран ниту еден прекршок за минување на затворен семафор – црвено светло. На подрачјата на градовите и коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 526 прекршоци, од кои 84 се сторени од возачи кои управувале возило со странски регистарски таблички, извести МВР.
За управување на возило со брзина поголема од дозволената регистрирани се 504 прекршоци и 22 за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола. Исто така, изречени се вкупно 17 мерки „забрана за управување со возило“ – сите за управување возило со поголема брзина од дозволената, од кои 13 за брзина поголема од 80 км на час во населено место и четири мерки за брзина поголема од 10 км на час сопствено ограничување на возило.
Во рамки на предвиденото дозволено отстапување во брзината на движење толерирани се 3.336 возачи, соопшти МВР.

