Скопје
Започна обуката за професионални пожарникари во СУГС „Марија Кири-Склодовска“
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, во понеделникот присуствуваше на првиот час од обуката за образовниот профил – професионален пожарникар во СУГС „Марија Кири – Склодовска“.
„Од Министерството за образование и наука, ова училиште доби верификација за реализација на наставниот план и наставните програми во специјалистичкото образование, односно петто ниво на стручна квалификација за образовниот профил – професионален пожарникар од хемиско – технолошката струка. Се надевам дека сите Вие коишто успешно ги поминавте психофизичките тестови успешно ќе ја завршите и оваа обука и ќе станете професионални пожарникари коишто ќе ги штитат човечките животи и материјалните добра на граѓаните. Ви пожелувам успешно да ја завршите обуката и се надевам дека ќе бидете успешни во работата како и претходните кандидати коишто поминаа ваква обука“, им порача градоначалникот Трајановски на младите пожарникари коишто ќе ја следат обуката.
Обуката за образовниот профил – професионален пожарникар согласно со склучениот Договор со Град Скопје ќе ја следат 30 кандидати вработени во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Образовниот процес ќе се состои од 4 (четири) подрачја и тоа: општо – образовно подрачје, стручно – теоретско подрачје, посебно – стручно подрачје и подрачје специјалистичка практика.
Воспитно – образовниот процес ќе се одвива во посебна, специјализирана училница којашто е опремена со сите потребни наставни средства, помагала и нагледни средства (учебници, топографски карти и друго) коишто ќе се користат во текот на наставата.
Градоначалникот Трајановски истакна дека наставата ќе опфати 720 наставни часови, во период од минимум 3 (три) месеци. Кандидатите коишто посетуваат настава по завршувањето ќе полагаат завршен испит и ќе добијат Диплома за положен завршен испит во специјалистичкото образование. Исто така, изрази уверување дека овие млади пожарникари ќе бидат достојна замена за постарите колеги.
Градоначалникот Трајановски го најави и отворањето на два нови пункта на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје во Цементарница и во Шуто Оризари.
Звонко Томески, командант на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје истакна дека со нетрпение ги очекуваат новите колеги затоа што просечната старост на бригадата е 45 години.
Наставата ќе ја изведуваат наставници од училиштето, надворешни соработници (предавачи и лица од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје) коишто се избрани по пат на јавен оглас и спроведена постапка. За спроведување на оваа обука од Буџетот на Градот Скопје се издвоени милион денари./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

