Скопје
(Видео) Наместо како инфлуенсери да се фотографираат со нередот што го прават, нека фатат да работат, им порача Арсовска на колегите
Градоначалничката Данела Арсовска ги нарече инфлуенсери своите колеги од скопските општини, кои вчера се фотографираа со општинските служби како чистат ѓубре. Им посочи дека првин направиле неред, па играле политички игри. Додаде дека нивна работа е првин да си ги исчистат населбите.
„Коалицијата ДПМНЕ – СДСМ, наместо како инфлуенсери да се фотографираат на градските улици со нередот што го прават и политичките игри што ги играат, да се зафатат со работа и да престанат да си играат со нервите на скопјани. Сите тие се власт во градот Скопје и државата и треба да си постапуваат, а не да изигруваат инфлуенсери. И првин нека си ги исчистат своите населби, па после нека кажуваат“, рече Арсовска.
Им порача дека со нив мора да се расчисти.
„Мора да се расчисти со овие работи. Мора да се расчисти со политикантите, со партиите што си играат инфлуенсери надвор во градот, кои знаат што се случувало бидејќи тие раководеле со овие претпријатија. Тие имаат намера да угнетат сè што не размислува како нив и се обидуваат тие луѓе да ги заплашуваат. Ниту јас ниту директорката не е уплашена од нивните реакции“, додаде Арсовска.
Советот на Скопскиот Плански Регион донесе одлука да побара извештај од Град Скопје за состојбите поврзани со комуналната хигиена. Градоначалниците апелираат Град Скопје да ја разгледа состојбата и да преземе мерки за итно постапување од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје во решавање на проблемот, како и иницијатива самите општини да ја преземат механизацијата за одржувањето на комуналната хигиена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради уличен дефект на водоводна цевка Ф 80мм. на булеварот Илинден бб. во кругот на Ј.П.Парови и Зеленило Скопје, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на булеварот Илнден од крстоницата со улицата Франклин Рузвелт до крстосницата со булеварот 8ми-Септември, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00часот до завршување на работните активности.

