Скопје
Општина Карпош ја промовира услугата за посебен превоз на стари лица и лица со попреченост
Во согласност со програмата на одделението за детска, социјална и здравствена заштита, Општина Карпош во соработка со Црвениот крст на Град Скопје кон средината на мај годинава почна со реализација на услугата за посебен превоз на стари, болни и лица со попреченост над 18 години. Станува збор за меѓуинституционална соработка, која треба да им го олесни секојдневниот живот на оваа ранлива група граѓани за чија намена Општина Карпош од својот буџет издвои парични средства во висина од 655.000 денари.
За таа цел, на располагање се ставени посебно опремени наменски возила во придружба со адекватен обучен кадар, кој е стручно подготвен да им помогне на изнемоштените лица. Досега во рамките на оваа активност се реализирани 50-ина превози, во кои се транспортирани лицата што не се во можност самостојно да обезбедат превоз за користење на здравствена, социјална или друга административна услуга. Поточно, корисници на оваа услуга се старите и изнемоштени лица, лицата што имаат тешкотии при самостојно движење, како и лицата што имаат потреба од придружник, односно негувател или, пак, личен асистент.
По тој повод, денеска, градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во својот кабинет одржа работна средба со претставници од општинската администрација и Црвениот крст на Град Скопје, кои во оваа пригода го запознаа првиот човек на локалната самоуправа за досегашниот тек на преземените активности.
„Општина Карпош секогаш имала разбирање за потребите на Црвениот крст на Град Скопје и Република Македонија за што говори и досегашната одлична соработка со оваа институција. Ми претставува особено задоволство што сме дел од овој прекрасен проект, што е од особено значење за граѓаните што се наоѓаат во тешка здравствена состојба, како и за лицата со попреченост. Со планираниот ребаланс на општинскиот буџет ќе овозможиме дополнителни финансиски средства за поддршка на овој заеднички проект и веќе в година ќе се потрудиме дневно да обезбедиме од четири до шест транспортирања жители од општина Карпош, што би ги задоволиле потребите првенствено на старите, тешко повредените и болните лица. Локалната самоуправа и понатаму ќе ја поддржува оваа услуга за која лично сметам дека е одлична иницијатива и добар пример за една успешна меѓуинституционална соработка“, посочи Јакимовски.
Искрена благодарност и задоволство од заедничката соработка изрази и секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тулева-Пауновска:
„Со помош на финансиските средства што ги обезбеди Општина Карпош од својот буџет, нашата организација ќе биде во можност да реализира околу четиристотини транспорти на лицата од оваа категорија до крајот на годината. Се надевам дека наредната година заедно со градоначалникот Јакимовски ќе ја спроведеме следната фаза од проектот, која значи унапредување на овој сервис и воведување на т.н. итно копче на територијата на општина Карпош. Во моментот локалната самоуправа и Црвениот крст се пионери во поглед на реализација на услугата нега во домот бидејќи првпат почнавме да ги работиме овие сервиси токму на територијата на Карпош. Имено, оваа Општина е првата институција што ја подаде раката за овие сервиси да добијат на некој начин одржливост и многу е важно штоовој позитивен пример го следат и другите општини“, истакна Тулева-Пауновска.
Инаку, услугата се реализира со мало наменско возило, како и големо наменско возило, кое е приспособено за тренспорт на лица во лежечка положба. Во случајот, лицата што управуваат со овие возила треба да поседуваат сертификат за обука за прва помош или сертификат за негуватели. Исто така, при транспортот на ранливата група граѓани може да присуствуваат и други лица, односно спасители при итен случај, лица обучени за укажување прва помош, како и други обучени и сертифицирани придружници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради уличен дефект на водоводна цевка Ф 80мм. на булеварот Илинден бб. во кругот на Ј.П.Парови и Зеленило Скопје, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на булеварот Илнден од крстоницата со улицата Франклин Рузвелт до крстосницата со булеварот 8ми-Септември, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00часот до завршување на работните активности.

