Скопје
Посетителката на ЗОО Скопје која беше тестирана, нема птичји грип

Тестот на жената која денеска побарала да се тестира за птичји грип бидејќи минатата недела ја посетила Зоолошката градина во Скопје, е негативен, потврдија од Институтот за јавно здравје .
Како негативни се покажаа и тестовите на двајцата вработени во Зоолошката градина, кај кои постоеше сомнеж дека се заразени со птичји грип.
Зоолошката градина ќе остане затворена уште дваесетина дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Пет лица се повредени во сообраќајката кај „Градска болница“

Пет лица се повредени, од кои едно потешко, во тешка сообраќајна несреќа што се случи синоќа во центарот на Скопје, на крстосницата кај улиците „11 Октомври“, „Даме Груев“ и „Филип Втори Македонски“.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена на 19 април околу 21:15 часот, кога патничко возило „Фолксваген Голф“ со скопски регистарски таблички, управувано од 18-годишниот А.Н. од Скопје, се судрило со автомобил „БМВ“ со чешки ознаки, управуван од Т.К. (24) од Струга.
Во судирот, тешки телесни повреди добил 20-годишниот С.Ј. од Скопје, кој бил сопатник во возилото „БМВ“. Телесни повреди добиле и двајцата возачи, како и две девојки – А.Ф. (20) и М.Р. (19), сопатнички во „Фолксвагенот“, сите од Скопје. Повредените биле пренесени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, каде им биле констатирани повредите.
„На местото на несреќата излезе увидна екипа од СВР Скопје и се работи на расчистување на причините и околностите под кои се случил судирот“, соопштуваат од МВР.
Македонија
Без струја дел од општина Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Видое Смилевски Бато, делот кај што се вкрстува Февруарски Поход спроти Рамстор Ново Лисиче, во општина Аеродром.
Македонија
Нелегална градба во Козле – наместо потпокрив, си граделе станови

Инспектори во Козле открија нелегална градба. Станарите добиле одобрение зза градба за кос покрив, но наместо тоа почнале со градба на четири нови стана.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, им порача на граѓаните да не влегуваат во вакви авантури затоа што инспекторите се на терен, а вложените пари ќе завршат во ветер.
„Денес, заедно со градежниот инспектор и раководителот на Инспекторатот, излеговме на терен – улица Козле бр.17. Извршивме увид на настрешница поставена на зграда со рамна плоча. Иако дел од станарите добиле одобрение за кос покрив поради наводно течење, утврдивме дека изведбата НЕ е согласно одобрениот проект! Просторот е поделен на 4 дела – со подготовки за кујни и тоалети – што јасно укажува на обид да се направат уште 4 нови станови, и незаконски да се добие уште еден кат во објектот!“, објави Јакимовски на „Фејсбук“.
Тој информира дека изготвен е записник, а ќе следи и решение за уривање, или обврска граѓаните сами да ја отстранат оваа дивоградба.
„Ги повикувам граѓаните: НЕ влегувајте во вакви авантури! Ни малку не ме радува кога ќе слушнам дека некој потрошил десетици илјади евра, а притоа го прекршил законот – тие пари ќе завршат во ветер! Проектите мора да се изведуваат СТРОГО според одобрението за градба! Законите важат за сите!“, напиша Јакимовски.
Тој најави дека Општината продолжува со инспекциите, а следна на ред е зградата на улица „Никола Парапунов“ и гаражниот простор таму.