Скопје
Поставен камен-темелник на „Верверичка”, новата градинка во општина Кисела Вода
Со свечено поставување камен-темелник, денес, почна изградбата на новата градинка „Верверичка“ во населбата 11 Октомври – згради, која за 6 месеци ќе може да ги прими првите дечиња. Таа ќе има капацитет за 110 деца и ќе се гради преку финансиско партнерство помеѓу Општина Кисела Вода и Комерцијална банка АД Скопје. На настанот градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и д-р Маја Стевкова-Штериева, главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, ја назначија важноста на ваквите проекти, кои претставуваа инвестиција во раниот детски развој, кој е клучен во формирањето на личноста на секој човек.
„Во новата градинка најмногу место ќе има за најмалите дечиња, кои чекаат да бидат запишани во јасли, што за мене како градоначалник е убава вест бидејќи е сигурен знак дека нашата општина расте. Децата се нашиот највреден ресурс и инвестирањето во нив е најзначајниот влог што можеме да го направиме. Убаво е да се има сојузници во оваа значајна мисија и затоа сакам да ѝ се заблагодарам на Комерцијална банка АД Скопје, со која заеднички, преку финансиско партнерство, го градиме овој нов објект. Имено, за реализација на овој проект Општина Кисела Вода обезбеди 8 милиони денари, а Комерцијална банка учествува со значајни 6 милиони денари. Заедничката посветеност кон заедницата и разбирањето за важноста на детското образование и развој се заеднички благородни цели со кои ги обликуваме темелите на иднината на нашето општество. Би сакал да истакнам дека ние како општина сме исклучително посветени во оваа област за што говорат сите преземени активности во овие две години. Веднаш до нас се наоѓа објектот ‘Кокиче’, чиј капацитет неодамна беше проширен за 90 деца. Отворивме две нови детски градинки, во Усје и во Драчево. Во моментот се одвива проект за проширување и реконструкција на дел од градинката ‘Пеперутка 1’ во Драчево, каде што 50-ина години не беа извршени речиси никакви реконструктивни зафати. Обезбедени се и финансиски средства за изградба на уште една нова градинка во Расадник, а заедно со објектот ‘Верверичка’, кој денес го почнуваме, силно верувам дека сме на вистинскиот пат да ја оствариме целта – да ги затвориме наследените листи на чекање од минатото, на кои имаше над 400 деца“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски уште еднаш заблагодарувајќи ѝ се на Комерцијална банка АД Скопје, со која беше поделена визијата за подобра и поуспешна заедница.

„Огромно е задоволството кога новата година ја почнуваме со нова благородна мисија, со која ќе обезбедиме модерна градинка за дечињата од Кисела Вода. Комерцијална банка е особено горда на секој свој придонес, кој значи подобра грижа, поздрав раст и повесели денови за секое дете. Затоа дониравме за реновирање на Детската клиника за кардиологија и ревматологија. Затоа помагаме за опремување сензорни соби во училиштата. Го поттикнуваме инклузивното општество во кое сите треба да имаме еднакви можности. А донацијата за изградба на градинка во Кисела Вода, дефинитивно, ни го стопли срцето во овие студени денови затоа што значи уште едно весело катче исполнето со детска смеа и дружба“, изјави на свеченоста д-р Маја Стевкова-Штериева, главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.
Градинката „Верверичка“ е осмиот објект во состав на ЈДГ „Весели цветови“. Со нејзината изградба ќе се добијат шест нови занимални, во кои ќе може да бидат згрижени речиси 110 деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) По ерата на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија што добива сопствено модерно кино
Општина Кисела Вода вчера вечер официјално го отвори новото кино во Домот на културата во Драчево. Проектот, реализиран во партнерство со „Киноверзум“, претставува втора филмска сцена на територијата на оваа општина и вкупно петта во мрежата на оваа групација во Македонија.

Свеченото отворање се одржа пред преполна сала, во присуство на претставници на Владата, Собранието, како и голем број уметници и културни работници. Настанот го водеше актерот Рубенс Муратовски, а вечерта беше заокружена со проекција на меѓународно наградуваниот документарен филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат за „Оскар”.

– Ова е историски чекор, бидејќи по времето на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија кое добива свое модерно кино. Со овој чекор потврдуваме дека културата не смее да биде привилегија на центарот, туку право на секој граѓанин. Нашата визија е јасна- ја носиме уметноста таму каде што е домот на луѓето. Сакаме врвните филмски остварувања да бидат на само неколку чекори од вашиот праг-истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Таа додаде дека ова е второ заедничко кино со „Киноверзум“ и е доказ дека со јасна заедничка визија се постигнуваат видливи и трајни резултати.

Посебно признание на настанот им беше оддадено на гостите, режисерката Тамара Котевска и продуцентот Јорданчо Петковски. Нивниот филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат во трката за „Оскар“, кој е откупен од „National Geographic“ и добитник на бројни награди на реномирани светски филмски фестивали, беше симболично избран за првата проекција на новото филмско платно во Драчево. За жителите на Драчево ова имаше и емотивна вредност, со оглед на тоа што продуцентот Петковски потекнува токму од ова место.

– Ова е седма година од постоењето на „Киноверзум” и горди сме што вечерва го отвораме нашето петто кино. По Штип, Велес, Свети Николе и првото кино во Кисела Вода, сега и Драчево добива филмска сцена со најсовремени технички услови. Опремено со ласерски кино-проектор и врвен систем за звук, на посетителите им ги нудиме најактуелните светски филмски хитови по најпристапни цени. Веќе од утре, на редовниот репертоар во Драчево се филмовите „Свадба” и „Оркански височини“, изјави Михаела Ѓорчева, основач на „Киноверзум“.

Овој проект е вистински пример за континуитет во спроведувањето на добрите идеи и плодна соработка, со оглед на тоа што иницијативата за негово отворање започна уште во мандатот на претходникот на Стаменкоска Трајкоска, сегашниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Со оваа реализација, Општина Кисела Вода ја потврдува својата посветеност на културната инфраструктура, правејќи ги Драчево и Кисела Вода нови културни епицентри достапни за сите жители.






Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.

