Скопје
Продолжува акцијата за асфалтирање на оштетените улици во Инџиково
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски и директорот на ЈП „Улици и патишта“, Синиша Ивановски, во саботата го посетија населеното место Инџиково, каде извршија увид на градежните работи на асфалтирањето на неколку улици.
Станува збор за 5 улици кои се асфалтираат во рамки на акцијата за санирање на оштетените улици од големата поплава што се случи во август 2016 година, каде оваа акција продолжува со стабилизацијата на временските услови.
„Градот Скопје, со одлука на Советот на Град Скопје, минатата година додели 150 милиони денари, или 2,5 милиони евра за санација на оштетената инфраструктура во сите населени места кои претрпеа штети за време на поплавите минатиот август. Минатата година започнавме со реконструкција на улиците во населените места Синѓелиќ и Стајковци, а со подобрувањето на временските услови оваа година продолжуваме со асфалтирање на преостанатите улици. Деновиве во населеното место Инџиково се асфалтираат 5 улици, кои се краци на улица „2“. Задоволен сум од интензитетот со кои продолживме со активностите за асфалтирање на овие улици, кои ги правиме со соработка со Општина Гази Баба и Владата на Република Македонија“, изјави градоначалникот Трајановски.
Петте улици коишто деновиве се реконструираат во населеното место Инџиково се со различна должина, од 150 до 250 метри, а нивната вкупна должина изнесува околу 1.000 метри.
“Продолжуваме со активностите за санација на патната инфраструктура во Гази Баба во местата кои беа зафатени со елементарната непогода. Минатата година успеавме да асфалтираме повеќе од 50 улици, додека за оваа година планираме да асфалтираме 80 улици. Покрај овие пет улици, ние работиме паралелно на санација на улицата број „10“ во должина од околу 700 метри, а започнавме и со санацијата на улица број „12“, која е во должина од околу 1.000 метри. Пред неколку денови ја завршивме втората фаза од улицата „Антон Велковски“ во н. Стајковци,а во соработка со Градот Скопје интензивно се работи и на целосна реконструкција на ул. „Алија Авдовиќ“ во Синѓелиќ“, рече градоначалникот на Гази Баба Трајковски.
На санацијата на петте улици во населеното место Инџиково работат екипите на ЈП „Улици и патишта“ и се очекува градежните работи да бидат целосно готови викендов, додека од наредната недела градежните работи ќе продолжат на оштетените улици во населените места Синѓелиќ и Стајковци./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

