Скопје
Санкционирани 89 непрописно паркирани возила во Центар

ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 26.08. до 01.09.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 89 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, велат од ЈП паркинзи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Посебен сообраќаен режим в недела поради трка во Скопје

В недела во организација на Здружение за спорт и рекреација „Прв до врв – Скопје“, ќе се одржи тринаесеттото издание на традиционалниот спортско рекреативен настан насловен како „Прв до врв“, со почеток во 09:45 часот.
Траса на движење на велосипедската трка: почеток од пред Музеј на град Скопје – ул.„Св. Кирил и Методиј“, лево по бул.„Св. Климент Охридски“, во продолжение право по бул.„Мајка Тереза“, лево по ул.„Тодор Александров“, во продолжение по локален пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски Крст“) и траса на движење на планинарите со почеток во 10:00 часот од пред О.У.„Кочо Рацин“ на бул.„Мајка Тереза“, право по ул.„Тодор Александров“ и кај ул.„Салвадор Аљенде“ десно по планинската патека кон Средно Водно, од Средно Водно кон Врв на Водно („Милениумски крст“) во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
Герасимовски на средба со центарци: Реконструирани 20 улици, подобрени условите во сите основни училишта и градинки

Градоначалникот Горан Герасимовски, директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Душко Коцевски и вработени од општина Центар, вчера се сретнаа со жители на Центар кај плочникот кај Агромеханика кадешто заеднички дискутираа за проектите што се имплементираат за развој на Центар и се отворија сите важни прашања – од собирањето на млади на игралиштата и нарушувањето на јавниот ред, сѐ до проблемот со паркирањето, зеленила и оштетени површини.
Герасимовски, потенцираше дека во изминатиот период се реконструирани 20 улици, а до крајот на месец мај треба да биде готова и реконструкцијата на улицата „Дебарца“ којашто во моментов се работи со полна пареа.
„Покрај подобрувањето на безбедноста и условите за движење, ги унапредивме и условите во сите основни училишта и градинки, а пред една недела ја пуштивме во употреба и ново изградената градинка „Пролет“. Ја подигнавме хигиената на повисоко ниво и покрај предизвиците со Комунална хигиена и Град Скопје. Во однос на осветлувањето, веќе поставивме ново осветлување, а детското игралиште е неколку пати санирано и реконструирано, затоа е многу важно заеднички да го чуваме. Да се грижиме за јавното добро“, истакнува Герасимовски.
На средбата, се отвори темата и за протекување во подземните гаражи, но и за потребата од санација на фасадите, теми што бараат итна интервенција, извести општина Центар.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Улицата Дебарца готова до крајот на месецот, се работи со полна пареа

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во градежните активности за реконструкција на улицата „Дебарца“, каде се работи со засилена динамика.
Во оваа фаза се врши гребење на старата и дотраена асфалтна подлога во должина од 240 метри, по што ќе следи поставување на нов асфалт. Завршена е и реконструкцијата на тротоарот со поставување нов бекатон, на површина од 900 квадратни метри, а поставени се и нови рабници од двете страни на улицата, извести Општината.
„Во моментов сме на терен, каде интензивно се изведува реконструкција на улицата ,,Дебарца”. Очекуваме работите целосно да завршат до крајот на месецот, согласно планираната динамика”, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Aктивностите се дел од пошироката реконструкција на улицата „Дебарца“, на потегот од улицата „Ленинова“ до студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“. Станува збор за целосна санација на коловозната површина од 1.700 квадратни метри.
Овој дел од улицата беше во многу лоша состојба, со сериозни оштетувања кои го отежнуваа нормалното одвивање на сообраќајот, соопшти Општината.
„Со реконструкцијата, ја подобруваме безбедноста и условите за движење, но даваме и нов, поуреден изглед на просторот“, посочи Герасимовски.
Оваа интервенција се реализира во рамки на инвестиција вредна 40 милиони денари, обезбедена од претходната Влада, со намена за обнова на улиците „Светозар Марковиќ“ и „Дебарца“, додаваат од општина Центар.