Скопје
Усвоен буџетот на Општина Центар за 2024 година
Советот на Општина Центар денеска го усвои буџетот за 2024 година. Основниот буџет е проектиран на 833.611.000 денари.
Буџетот, како што велат, за наредната година е развоен, реален и транспарентен, а приоритет се дава на капиталните инфраструктурни проекти.
Новите крупни инвестиции предвидуваат: реконструкција на спортската сала „Работнички“ во Градскиот парк , хортикултурно и партерно уредување во населбата Капиштец – на потегот од „Зебра“ до паркот „Капиштец“, реконструкција на 14 улици, меѓу кои: Елисие Поповски, Светозар Марковиќ, Дебарца, Блаже Тодоровски, поставување фотоволтаици на основните училишта, нова детска градинка во населбата Пролет, доградба во ООУ „Коле Неделковски“ и др.
Градоначалникот Герасимовски ја поздрави одлуката на денешната седница: „Им благодарам на советниците и на администрацијата на Општината за сè што сработивме заедно во оваа година, за сите проекти што ги реализиравме во интерес на граѓаните. Благодарам за поддршката што ја дадовте за новиот буџет за 2024 и за вашите гласови за да креираме буџет што ќе биде по мерка на сите граѓани“.
Во буџетот за 2024 година планирана е и изградба и реконструкција на повеќе спортски и детски игралишта, санација и набавка на нова урбана опрема, модернизирање на системот за јавно осветление со воведување ЛЕД-технологија и со примена на современи техники за управување и надзор, поставување зеленило, изградба и дислокација на комунална инфраструктура.
Освен реализација на капиталните инвестиции, буџетот предвидува и одржување на постојната инфраструктура, сервисирање на тековните потреби за граѓаните на општината, како и проекти од областа на образованието, културата, социјалата, спортот, животната средина и други.
Проектите што се покажаа како успешни во минатото ќе продолжат да се реализираат и наредната година, меѓу кои: „Нега на стари лицa“ – домашна нега со лиценцирани негуватели, еднократна помош за новороденчиња и социјално загрозени семејства, прoект за афирмирање на македонската музика „Нешто што ќе остане“, финансирање и поддршка на спортски клубови, Атлетски крос – „Центар 2024“, субвенции за купен нов велосипед и тротинет, стипендии за талентирани ученици и деца, поддршка во образованието, набавка на паметни табли во детските градинки.
Буџетот на Општина Центар за 2024 година е донесен со 15 гласа „за“ и 3 воздржани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

