Скопје
Ѓорѓиевски: Во Кисела Вода ќе има место во градинка за секое дете
Во населбата Потстаница се одвиваат интензивни градежни активности за целосна реконструкција на објектот кој ќе биде првата детска градинка во овој дел од Кисела Вода. Станува збор за стар објект кој, со одлука на Владата на Република Македонија, беше правно преземен од ЈЗУ Завод за рехабилитација на деца и младинци – Скопје и даден на трајно користење на Општина Кисела Вода. Реконструкцијата опфаќа темелни зафати – од кровната конструкција, преку подните конструкции, до енергетски ефикасната фасада – со што ќе се создаде модерен и безбеден простор на 222 квадратни метри, за околу 80 дечиња.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека ова е значаен чекор за општината и додаде:
-Големо е значењето на оваа градинка кој за првпат ќе се отвори во Потстаница и која родителите од овој дел на општината со нетрпение ја очекуваат, како можност нивните деца да растат и да се развиваат во современи услови. Овој објект, кој со поддршка од Владата правно го презедовме од ЈЗУ “Завод за рехабилитација на деца и младинци” – Скопје, во моментов добива сосема нов лик. Темелната реконструкција што ја вршиме – од кровот, преку подните конструкции, до енергетски ефикасната фасада – ќе го претвори во модерен простор за околу 80 дечиња, каде што тие ќе можат безгрижно да растат и да се социјализираат.
Кога станав градоначалник, на листата на чекање за упис во градинка имаше околу 450 деца. Денес, тој број е сведeн на триесетина. Но, не застануваме тука – моментално активно работиме на изградба на уште две градинки: во Расадник и во „Верверичка“, во близина на Општината. Со оваа и со сите претходни инвестиции, во последниве три години работевме на изградба и проширување на вкупно девет градинки. Со завршувањето на градинките што се во изградба, целосно ќе ги затвориме овие листи. Ова е мојата стратегија како градоначалник – да обезбедиме во Кисела Вода да има место во градинка за секое дете!
Голема благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за брзиот одговор и позитивниот пристап во процесот на отворање на оваа градинка. Ова е уште еден доказ дека кога ги споделуваме истите вредности и кога работиме заедно, можеме брзо и ефикасно да ги решаваме проблемите на граѓаните. Кисела Вода станува општина која вложува во децата, во семејствата и во иднината. Продолжуваме со истото темпо – градејќи, унапредувајќи и создавајќи подобри услови за сите-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

