Скопје
296 санкционирани возачи во Скопје, 77 за брзо возење

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 296 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 77 санкции, 20 мерки за возење без возачка дозвола, шест санкции за возење под дејство на алкохол. Изречени се 16 мерки за користење мобилен телефон при возење, 21 санкција за некористење сигурносен појас, 12 мерки за технички неисправни и нерегистрирани возила“, соопшти МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Герасимовски: Угостителите да ги почитуваат прописите за урбана опрема, гласна музика и одлагање на сметот, во спротивно следуваат санкции

Општина Центар денеска спроведе вонреден инспекциски надзор на угостителските објекти на Кеј „13 Ноември“, при што беа изречени казни за сите правни субјекти кои ги узурпираа јавните површини со поставување урбана опрема без соодветно одобрение.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави дека ваквите инспекциски надзори ќе се интензивираат во наредниот период и дека нема да се толерира незаконско и бесправно поставување урбана опрема.
На денешната средба со угостителите од општината се дискутираше токму за овој проблем, но и за хигиената и гласната музика.
„Проблемите со одлагањето на сметот, гласната музика во доцните часови и непочитувањето на правилата за урбаната опрема беа главните теми на средбата. Со доаѓањето на потоплите денови, се зголемува движењето на граѓаните и посетителите во угостителските објекти, па затоа е важно навремено да укажеме дека законите мора да се почитуваат“, истакна Герасимовски.
Посебен акцент беше ставен на управувањето со отпадот, при што градоначалникот посочи дека голем дел од отпадот потекнува од угостителските објекти. Во таа насока, согласно Законот за животна средина, угостителите добија рок до 1 април за склучување договори со овластени постапувачи за третирање на таков вид отпад.
„Теренските контроли ќе продолжат, но мора да делуваме и превентивно. Не започнуваме веднаш со казнени мерки, но по 1 април, секое непочитување на законот ќе биде соодветно санкционирано“, порача Герасимовски.
Општина Центар останува посветена на унапредување на хигиената, редот и квалитетот на живот во урбаното јадро, преку соработка со угостителите и доследна примена на законските регулативи.
Скопје
Герасимовски: Во тек е јавниот повик за доделување 10 илјади денари субвенција на младите центарци за полагање возачки испит

Општина Центар информира дека во тек е јавниот повик за доделување субвенции на младите центарци за полагање на возачки испит Б-категорија. На овој повик може да се пријават сите млади лица кои во текот на 2025 година ќе наполнат 18 години, односно родени се во 2007 година и живеат на подрачјето на општината најмалку една година.
Субвенцијата изнесува 10.000 денари и е наменета исклучиво за покривање на трошоците за возачкиот испит во автошколи кои се регистрирани во Општина Центар.
Градоначалникот Горан Герасимовски нагласува дека овој проект има за цел да ги поттикне младите кон одговорно и безбедно учество во сообраќајот, стекнувајќи ги неопходните знаења и вештини под водство на професионални инструктори.
„Безбедноста во сообраќајот е најважна! Затоа е клучно младите да се обучуваат од искусни инструктори и од самиот почеток да развијат свест за одговорно возење. Со оваа мерка, им помагаме да станат безбедни и внимателни учесници во сообраќајот. Управувањето на возило без возачка возвола е недозволиво”, потенцира Герасимовски.
Доставата на барањата се врши во архивата на Општина Центар – Скопје (барака бр. 6), од 09:00 до 15:00 часот, со приложување на следните документи: барање за субвенција, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, доказ за извршена уплата во автошкола и доказ дека автошколата е регистрирана на подрачје на Општина Центар.
Јавниот повик ќе трае сè до исцрпување на средствата предвидени во Буџетот на Општина Центар, односно до 31.12.2025 година.
Скопје
Ѓорѓиевски: Почнуваме акција за отстранување хаварисани и возила без регистарски таблички

Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, информираше дека во соработка со GREEN ROAD ДОЕЛ, како и во консултација со Министерството за внатрешни работи, започнува со обемна активност за системско решавање и отстранување на хаварисаните/отпадни возила од јавните површини на територијата на општината.
Како што нагласи, ова особено важи за оние кои паркинзите ги узурпираат и користат за препродавање на автомобили.
– Започнуваме со акција за отстранување на хаварисаните и возила без регистарски таблички! Во соработка со GREEN ROAD ДОЕЛ и во консултација со Министерството за внатрешни работи, започнува обемна активност за системско решавање и отстранување на хаварисаните/отпадни возила од јавните површини на територијата на општината.
Ова особено важи за оние во Расадник кои паркинзите ги користат за препродавање на возила, како авто плацеви. Инспекциските служби на општината во текот на следните неколку дена ќе започнат активност за мапирање на отпадните возила и ќе започнат постапка со која ќе се утврдува сопственоста, како и тоа дали истите се регистирани и имаат платено обврски кон државата.
Согласно Законот за управување со дополнителните текови на отпад и член 63 од Законот за безбедност во сообраќајот, возилата кои ќе бидат евидентирани како отпадни и без регистарски таблички ќе бидат отстранети, доколку тоа не го стори сопственикот согласно дадениот рок од неколку денови.
По завршувањето на постапката возилата ќе бидат отстранети и однесени во отпадно депо, каде што граѓаните ќе имаат право да го повратат. Во спротивно, ќе бидат третирани како отпаден метал.
Апелираме до жителите сами да си ги отстранат возилата согласно дадените рокови за да не подлежат на трошоци, затоа што наша цел не е казнување туку воведување ред во оваа сфера. Крајно време е да ги ослободиме паркинзите во Кисела Вода! – изјави Ѓорѓиевски.