Скопје
Американскиот амбасадор Волерс во посета на Општина Илинден
Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Пол Волерс во четвртокот ја посети Општина Илинден.
На средбата со градоначалникот Жика Стојановски, амбасадорот Волерс беше запознаен со тековните активности во Општина Илинден, како и реализацијата на повеќе капитални проекти.
Амбасадорот Волерс изрази посебен интерес за брзиот локален економски развој на Општина Илинден, која станува лидер по инвестиции и вложувања во регионот.
Посебен акцент за време на разговорите беше ставен на досегашната одлична соработка на Општина Илинден со УСАИД и американскиот народ, со чија помош успешно беа реализирани повеќе проекти во областа на образованието, културата, јавната администрација, како и животната средина и инфраструктурата.
Амбасадорот Пол Волерс го посети ОУ „Гоце Делчев“ каде што во соработка со УСАИД во тек е реализација на Проектот за промена на 62 стари дрвени дотраени прозорци со нови алуминиумски со термопан стакло, промена на 5 влезни врати, рехабилитација и освежување на надворешната фасада, како и замена на котелот во училиштето.
Тој беше запознаен и со иновативниот пристап што Општина Илинден го воведе во првото средно стручно училиште „Илинден“ во кое се образуваат кадри според потребите на бизнис заедницата, со цел збогатување на знаењата на учениците преку практична настава и обука.
Со проширувањето на соработката со локалниот бизнис сектор на полето на образованието, како една од најважните области за развој и фактор на модерен раст, учениците од ова училиште имаат можност директно да се запознаат со производствениот процес следејќи практична настава во повеќе големи производствени капацитети, благодарејќи на меморандумите за соработка што Општина Илинден ги потпиша со повеќе компании како американската „Кемет електроникс“, потоа МЕПСО, Џонсон Контролс, Џонсон Мети, Ван Хол и ОКТА. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) По ерата на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија што добива сопствено модерно кино
Општина Кисела Вода вчера вечер официјално го отвори новото кино во Домот на културата во Драчево. Проектот, реализиран во партнерство со „Киноверзум“, претставува втора филмска сцена на територијата на оваа општина и вкупно петта во мрежата на оваа групација во Македонија.

Свеченото отворање се одржа пред преполна сала, во присуство на претставници на Владата, Собранието, како и голем број уметници и културни работници. Настанот го водеше актерот Рубенс Муратовски, а вечерта беше заокружена со проекција на меѓународно наградуваниот документарен филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат за „Оскар”.

– Ова е историски чекор, бидејќи по времето на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија кое добива свое модерно кино. Со овој чекор потврдуваме дека културата не смее да биде привилегија на центарот, туку право на секој граѓанин. Нашата визија е јасна- ја носиме уметноста таму каде што е домот на луѓето. Сакаме врвните филмски остварувања да бидат на само неколку чекори од вашиот праг-истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Таа додаде дека ова е второ заедничко кино со „Киноверзум“ и е доказ дека со јасна заедничка визија се постигнуваат видливи и трајни резултати.

Посебно признание на настанот им беше оддадено на гостите, режисерката Тамара Котевска и продуцентот Јорданчо Петковски. Нивниот филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат во трката за „Оскар“, кој е откупен од „National Geographic“ и добитник на бројни награди на реномирани светски филмски фестивали, беше симболично избран за првата проекција на новото филмско платно во Драчево. За жителите на Драчево ова имаше и емотивна вредност, со оглед на тоа што продуцентот Петковски потекнува токму од ова место.

– Ова е седма година од постоењето на „Киноверзум” и горди сме што вечерва го отвораме нашето петто кино. По Штип, Велес, Свети Николе и првото кино во Кисела Вода, сега и Драчево добива филмска сцена со најсовремени технички услови. Опремено со ласерски кино-проектор и врвен систем за звук, на посетителите им ги нудиме најактуелните светски филмски хитови по најпристапни цени. Веќе од утре, на редовниот репертоар во Драчево се филмовите „Свадба” и „Оркански височини“, изјави Михаела Ѓорчева, основач на „Киноверзум“.

Овој проект е вистински пример за континуитет во спроведувањето на добрите идеи и плодна соработка, со оглед на тоа што иницијативата за негово отворање започна уште во мандатот на претходникот на Стаменкоска Трајкоска, сегашниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Со оваа реализација, Општина Кисела Вода ја потврдува својата посветеност на културната инфраструктура, правејќи ги Драчево и Кисела Вода нови културни епицентри достапни за сите жители.







