Скопје
Анкета: Голем интерес за велосипедот како превозно средство, потребна е инфраструктура
Заинтересираност за велосипедот како превозно средство е голема, а соодветно на ова расте и потребата за квалитетна велосипедска инфраструктура.
Ова е генералната констатација на веб акетата што ја спроведе Агенција Рејтинг, во соработка со Архитектонскиот факултет, и неформалното здружение „На Точак“, а за потребите на Општина Центар, со која беа опфатени 895 испитаници. Целта на истражувањето беше да се обезбедат податоци од граѓаните и нивното секојдневно искуство од движењето низ градот, за проблемите со кои се соочуваат додека користат велосипед како транспорт, со крајна цел подобрување на условите за возење на велосипед и подобрување на самата велосипедска инфраструктура во Општина Центар. Според резултатите од анкетата високи 60,8 % од испитаниците кои се изјасниле дека возат велосипед, истиот го користат како превозно средство, и тоа 66,9% од нив секој ден или неколку пати неделно. 27,3% од испитаниците го користат велосипедот за рекреација, 8,9% за спортување, а само 2,4% изјавиле дека не возат велосипед. Kако главни фактори кои ги спречуваат граѓаните да возат велосипед се издвојуваат пречки на патеките, недостаток на велосипедска инфраструктура, небезбеден паркинг и небезбеден сообраќај. Понатаму, со 82,6%, паркираните возила се убедливо најголем проблем за корисниците на велосипеди. Потоа следат високите рабници при премин кон коловозите со 62,4%, и лошото одржување на подлогата, односно појавата на дупки, нерамнини и вирови, со 60,3%.Преку прашањето “Колку следниве фактори влијаат во изборот на рутата што ја користите за возење велосипед, во моменталните инфраструктурни услови?” анкетата покажа дека избегнување на паркирани возила и постоењето на издвоена патека за велосипеди се примарни за корисниците на велосипеди, со 59,1% и 54,2%, соодветно. Веднаш по нив следат избегнување средби со возила во движење – 48,7%, чувство на безбедност – 47,8%, и изборот на зона со помали дозволени брзини за моторен сообраќај – 27,3%.Треба да се истакне дека на високи 96,7% од корисниците на велосипед центарот на град Скопје им е дел од секојдневната или повремена рута, што дополнително ја истакнува потребата за подобрување на велосипедската инфраструктура во овој регион. Оттаму следува и високата заинтересираност за иницирање програми од Општина Центар. Имено, дури 88,3% од испитаниците би поддржале програма за планирање велосипедска инфраструктура, 82,7% за обележување велосипедски патеки, а 74,5% за планирање на зони на смирен сообраќај.Следниот дел од истражувањето беа две тековни програми на Општина Центар, кои директно ги засегнуваат корисниците на велосипеди – Цел Центар на точак и развој на апликацијата Strava. Според добиените одговори, голем дел од жителите на Општина Центар веќе аплицирале и добиле субвенции за велосипед, а високи 66,7% се заинтересирани да се вклучат. Во однос на апликацијата Strava, 46,4% сигурно би се согласиле да ја користат при возење велосипед, а 45, 1% можеби би прифатиле. Како главна мотивација да го сторат тоа, со 66,2%, убедливо се издвојува целта на собирањето податоци, односно подобрување на условите за користење на велосипедот за превоз во Општина Центар.„Општина Центар се стреми да ги насочи своите напори кон конкретните потреби на граѓаните, кои се осознаваат преку вакви истражувања, а се реализираат преку програми како што се “Цел Центар на точак, анализа на велосипедското движење преку апликацијата Strаva и “Зона 30”. Токму затоа, со задоволство го најавуваме вториот дел од ова истражување и повикуваме што повеќе испитаници да се приклучат кон истото, со цел заедно да ги подобриме условите за возење велосипед во центарот градот“, порачува локалната власт. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Центар
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради поврзување од стара на нова водоводна мрежа со пречник од ф-200 мм на улицата Тодор Александров бб, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Тодор Александров, Партениј Зографски и Периша Савелиќ, општина Центар.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 10:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Ловќенска, општина Карпош.
Македонија
(Фото) Кисела Вода: Компјутери, принтери и телевизори за училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“
Набавени се компјутери, принтери и телевизори за основните училишта „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, како дел од континуираните активности за унапредување и модернизација на наставниот процес, извести Општината.

„Во периодот кога учениците се на зимски распуст, во училиштата се врши опремување со нова информатичка опрема, со цел второто полугодие учениците да го започнат со поквалитетна настава и полесен пристап до дигитални содржини.

Со оваа инвестиција, општина Кисела Вода уште еднаш ја потврдува својата определба за дигитализација на образованието и создавање современи услови за учење, во чекор со новите образовни стандарди и потребите на учениците“, соопштуваат од Општината.

– Нашата цел е децата да учат во современи и опремени училишта, каде што ќе имаат можност да стекнуваат знаења и дигитални вештини неопходни за нивниот понатамошен развој. Компјутерите, принтерите и телевизорите кои ги обезбедивме во училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ се уште еден конкретен чекор во таа насока, а учениците по зимскиот распуст ќе бидат пречекани со значително подобри услови за настава, изјави градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.




