Скопје
Цветни леи засадени во Скопје
Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ деновиве засадуваат есенски цветен расад од видот темјанушка (виола), лаванда, украсна зелка и хризантема во цветните леи на повеќе локации во градот.
Акцијата за засадување есенски цвеќиња на јавните зелени површини ќе продолжи и во наредните денови.
Во центарот на градот заменет е летниот со есенски расад од видот темјанушка (виола) во жолта и бела боја во цветната топка на булеварот ВМРО. Со цвеќиња се уредени и цветните леи во форма на триаголник на булеварот Гоце Делчев.
Со есенски расад се разубавени и жардиниерите во форма на коцка на кејот на Вардар.
Пред зградата на Собранието на Република Македонија во цветната леа во форма на знаме е засаден цветен расад виола, во црвена и жолта боја. На булеварот Свети Климент Охридски се засадени околу 1.300 парчиња од видот виола во жолта и во виолетова боја, како и 600 парчиња од видот украсна зелка.
Во вториот дел од паркот „Македонија“, што се протега по должината на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов уредена е цветна леа со околу 180 парчиња од видот хризантема, а засаден е и есенски расад од видот лаванда.
Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ деновиве го косат булеварското и блоковското зеленило, ги кројат дрвјата и грмушките и ги собираат паднатите лисја и отпадоците од јавните зелени површини, се вели во соопштението на Град Скопје. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

