Скопје
Доделени нови 50 решенија за легализација на дивоградбите во Кисела Вода
Премиерот Никола Груевски и градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ, во недела во Големата сала на општината доделија нови 50 решенија за легализација на дивоградби.
Во обраќањето пред присутните, Груевски истакна дека Владата со овој закон најде начин да реши еден општествен проблем кој се таложел со години и да им овозможи на голем број граѓани да ги легализираат своите домови.
„Конечно падна големиот товар кој луѓето го носеа по 10, 15 или 30 години. Можноста за поднесување барања за легализација ја искористија околу 350.000 граѓани низ земјата. Тоа е уште една потврда за масовноста на оваа појава и за големината на проблемот со кој се соочуваме како држава. Кисела Вода е една од општините во кои овој проблем е најприсутен. Таа е и една од најуспешните општини во овој дел и заслужува честитки. Ги повикувам и другите општини да го следат примерот“, рече Груевски.
Градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ ја објасни важноста на легализацијата, како процес кој на граѓаните ќе им овозможи да станат правни сопственици на својот имот, а општината пак, ќе може да носи нови урбанистички планови во кои ќе ги впише новолегализираните објекти и со тоа взаемно ќе се придонесе во креирањето на урбанистички ред на оваа територија.
„Во изминатата година Општината веќе донесе пет детални урбанистички планови со кои покрај тоа што се вклопени голем број легализирани објекти, се овозможуваат услови за нови градби, доградби, надградби… Сè, во интерес на граѓаните и развојот на општината. Исто така во рамките на своите финансиски можности се труди да ја подобри инфраструктурата, а посебно во оние населби каде се наоѓаа најголемиот број на диви градби“,истакна градоначалникот Беличанец-Алексиќ.
Со денешните 50 новододелени решенија, бројот на легализирани објекти во општина Кисела Вода се искачи на 2.967. На ниво на Македонија се решени речиси 100 илјади барања од поднесените 350 илјади. Рокот за поднесување на барањата е продолжен до крајот на 2015 година. Премиерот Груевски ги повика останатите околу 250 илјади граѓани (семејства) да побрзаат и да ги комплетираат документите за да го стигнат рокот и, како што рече, да го искористат моментот и добрата волја што ја има сегашната влада. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска делови од Центар и Гази Баба
Од ЈП „Водовод и канализација“ известуваат дека денеска, поради промена на вентил на кеј 13 Ноември бб – објект на Комерцијална банка, без вода ќе останат дел од корисниците од улицата 13 Ноември, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 9 часот, па сè до завршување на работата.
Денеска исто така поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Пиринска бр. 49, во периодот од 10.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Наум Наумовски Борче лоцирани на потегот од ул. Ленинова до ул. Орце Николов, општина Центар.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради реконструкција на водоводна мрежа од ф – 250 мм на ул. Методија Андонов Ченто – кај Макпетрол, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на реконструкцијата без вода ќе останат дел од корисниците од населба Ченто, општина Гази Баба.
Македонија
Завршна фаза на градежните активности за изградба на паркинг-простор и заштитна ограда на Средното општинско стручно училиште „Илинден“
Проектот за изградба на нов паркинг простор во рамки на Средното општинско стручно училиште „Илинден“ е во завршна фаза. Општина Илинден со оваа инвестиција овозможи паркинг простор на површина од приближно 550м², со капацитет за од околу 30 возила, кој ќе се користи за потребите на училиштето, со што ќе се овозможат подобри услови за работа и поголема сообраќајна уреденост во непосредната околина, велат од Општината.

Во завршна фаза е и реализацијата на проектот за поставување нова заштитна ограда околу спортскиот комплекс „Драго Маневски“. Во рамки на активностите се изведуваат бетонски работи и се поставува ограда во должина од околу 250 метри, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите корисници на спортскиот простор, соопшти општина Илинден.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во завршните фази на градежните активности и истакна дека ваквите проекти се насочени кон подобрување на условите за функционирање на образовните институции, како и кон унапредување на функционалноста и безбедноста на спортската инфраструктура.

Македонија
Кисела Вода подготвува тридневна новогодишна приказна за граѓаните
Во Домот на култура „Билјана Беличанец“ денеска се одржа прес-конференција на која градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со дел од изведувачите, ја најави тридневната празнична манифестација „Новогодишна приказна“. Истата ќе се одржи од 28 до 30 декември во паркот „Шопен“.
Настанот го модерираше Миро Кацаров, кој воедно ќе биде и водител на целата празнична програма, внимателно осмислена за сите генерации.
Во рамки на „Новогодишната приказна“, посетителите ќе имаат можност да уживаат во настапите на Антониа Гиговска, Либеро бенд и Миле Кузмановски со бенд, а празничната атмосфера во овие три дена дополнително ќе ја збогатат Ди Џеј Марио со труба, „Пауза за ракија“, Оле Поцкова од „Зевзекманија“ со монодрама , како и Бока Конга и Боби Сакс.

Паркот „Шопен“ ќе биде празнично уреден, со поставени новогодишни куќарки и содржини наменети за посетителите во текот на тридневната манифестација.
Посебно внимание е посветено на најмладите. На 30 декември, за децата е предвидена програма со музички точки од градинките „8 Март“ и „Весели цветови“, претстава со Дедо Мраз, анимирана програма, мини-концерт на училишните бендови и настап на Ди Џеј Марио. Бесплатни новогодишни пакетчиња ќе добијат сите дечиња од општина Кисела Вода.

Во својата изјава, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска истакна дека заложбата на општината е Кисела Вода да биде место каде што се гради квалитетен живот во секоја смисла, преку континуирани инвестиции, грижа за граѓаните и создавање содржини што го оживуваат јавниот простор и му даваат дополнителна вредност на секојдневието.
-Токму во таа насока, од 28 до 30 декември, во паркот „Шопен“, организираме три дена новогодишни случувања со богата програма и настапи на квалитетни македонски изведувачи, наменета за сите генерации, вклучително и за децата за кои подготвивме бесплатни пакетчиња. Паркот ќе биде празнично уреден и исполнет со новогодишни куќарки, каде што ќе се нудат топли напитоци и празнична храна, со цел граѓаните во целост да уживаат во новогодишната атмосфера“, изјави Стаменкоска Трајкоска.

Воедно, градоначалничката ги покани граѓаните на 31 декември да се приклучат и на големата новогодишна забава организирана од Град Скопје на Градскиот плоштад, како заеднички завршеток на празничните случувања во пресрет на Новата година.

