Скопје
Големо велосипедско дефиле во центарот на Скопје
Неколку илјади граѓани, ученици, рекреативци и вљубеници во велосипедизмот во понеделник учествуваа во големото дефиле на велосипеди што по градските улици се возеше по повод Денот без автомобили и Европската недела на мобилност.
Дефилето го предводеа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, заменик-министерот за животна средина, Стево Темелковски и заменик–амбасадорот на Европската унија во нашата земја, Роберт Лидл.
Велосипедистите тргнаа од плоштадот „Пела“, возеа по улицата Димитрие Чуповски и булеварите ВМРО и Партизански одреди, за потоа по булеварот Илинден да стигнат до целта на школката во Градскиот парк, каде што се одржа забавен еко-хепенинг.
„Во изминативе седум дена Скопје живееше во ритамот на случувањата од Европската недела на мобилност – глобалната кампања за промоција на одржливите видови транспорт. Организиравме многубројни презентации, работилници и едукативни предавања, натпревари во вешто возење велосипед, претставување на електромобилноста… Денешната манифестација е круна на активностите од Европската недела на мобилност зашто овозможува и наш личен придонес во целта на оваа глобална кампања – што повеќе да го користиме велосипедот при нашето движење низ градот и при извршувањето на секојдневните обврски. Велосипедот е идеално превозно средство, не ја загадува животната средина, не создава бучава и не го зазема животниот простор на граѓаните. Градот Скопје континуирано работи на подобрување на велосипедските патеки во градот за да овозможи подобри услови за движење на велосипедистите. Сакам да ги поканам моите сограѓани да возат велоисипед и да придонесат за поздрава и почиста животна средина. Сакам да им се заблагодарам на компаниите што ја поддржаа оваа кампања на Градот Скопје и донираа велосипеди за најсреќните учесници во ова дефиле“, рече градоначалникот Трајановски.
Задоволство од масовноста на денешниот Ден без автомобили изразија и заменик-министерот Темелковски и заменик-амбасадорот Лидл кои нагласија дека активностите за подигнување на јавната свест за користење алтернативен превоз даваат позитивни резултати.
На еко-хепенингот пред Школката во Градскиот парк настапи „Смет-бендот“ од СУГС „Никола Карев“, а 20 најсреќни учесници во велосипедското дефиле добија велосипеди, донација од Градот Скопје, МЖСПП, Цементарница „Усје“, РЖ Институт и ONE.
Денот без автомобили е последниот ден од Европската недела на мобилност што годинава низ Европа се одржува под мотото „Нашите улици – наш избор“. Денешното дефиле на велосипеди го организираа Градот Скопје во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Канцеларијата на Европската унија во Република Македонија.
Целта на оваа манифестација е да им се пренесе порака на граѓаните дека со својот избор на начинот на движење – користење велосипеди, јавен превоз и пешачење – можат активно да придонесат за подобрување на квалитетот на живеење, намалување на урбаното загадување и за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода делови од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради промена на воздушен вентил на улицата Јустинијан Први (кај мостот), утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Драчево, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Во текот на јануари се отстранети 𝟤𝟩𝟨𝟧 кубни метри отпад од диви депонии
Во текот на првиот месец од 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 13 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, известуваат од Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, беа отстранети и 2765 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад. Во рамките на активностите за отстранување диви депонии е интервенирано во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 400 кубни метри се подигнати во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец јануари изготви вкупно 56 едукативни записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Најголем број на записници – вкупно 32 – се врачени во скопската општина Чаир.

ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со одржување на јавната хигиена на булеварите, како и улиците што се во надлежност на Градот Скопје во сите скопски општини. Секојдневно, во три смени, се спроведува машинско и рачно метење на плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија“, соопшти Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.

