Скопје
Град Скопје подготвен за справување со пожари
Штабот за заштита и спасување на Град Скопје и оваа година е целосно подготвен да одговори на сите предизвици и зголемената опасност од појава на пожари поради високите температури во летниот период.
Во соопштението на градските власти се наведува дека Штабот за заштита и спасување располага со следнава механизација: цистерни – 65 возила, над 20 товарни возила, 8 скипови, 11 бобкет возила, 1 голем багер и друга опрема за гасење пожари во урбана средина и на отворен простор. Исто така, располага и со повеќе лесни теренски возила.
Човечкиот потенцијал со кој располага Штабот за заштита и спасување на Град Скопје изнесува околу 500 луѓе.
Штабот за заштита и спасување на Град Скопје го сочинуваат: ЈП „Водовод и канализација”, ЈП „Паркови и зеленило”, ЈП „Улици и патишта”, ЈП „Комунална хигиена”, „ЈСП – Скопје”, ЈП „Градски паркинг” и Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Во изминатата недела Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје имаше 74 интервенции, од кои 60 на отворен простор, 3 на објекти, 3 на автомобили, 3 технички интервенции и 5 други интервенции.
Штабот за заштита и спасување на Град Скопје будно ја следи состојбата на подрачјето градот и ако има потреба ги активира сите неопходни единици за справување со состојбите, а воедно ги повикува граѓаните со своето учество да придонесат за намалување на пожарите, односно да се придржуваат до мерките за превенција од пожари, но и доколку забележат евентуални пожари веднаш да се јават на бесплатните телефонски броеви 193 или 195. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

