Скопје
Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ најави кампања за зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ
Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ во четврток ја најави широката граѓанска кампања за зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ, за кој граѓаните на Општина Центар ќе одлучуваат на референдум на 26-ти април.
Излагање имаше претставничката на оваа иницијатива, Даница Павловска – Циги, која најави дека референдумот ќе испише нова страница во историјата на македонската демократија, овозможувајќи им на самите граѓани да учествуваат во донесувањето одлуки од заеднички интерес.
Истовремено, таа го повика секој жител на општина Центар да го искористи своето право на глас и со тоа да придонесе кон развојот на демократијата во нашата држава. Исто така, таа нагласи дека и покрај тоа што останатите граѓани на Скопје и Македонија нема да бидат во можност да гласаат, тие сепак ќе можат значително да придонесат за успешноста на овој референдум.
Во таа насока, Даница Павловска ги повикува сите граѓани, без разлика во која општина живеат, да помогнат со активно учество во нивните активности, но и преку информирање на своите познати и блиски кои имаат постојано жителство во општината Центар.
Меѓудругото, на прес конференцијата беше најавено дека в понеделник, на 6-ти април, официјално започнува заедничката граѓанска кампања за обнова на ГТЦ, но со зачувување на неговиот автентичен изглед. За таа цел, како што вели Даница Павловска, се повикуваат сите граѓани, граѓански асоцијации, активисти и професионални здруженија да се приклучат кон широкото граѓанско движење „ЗА ГТЦ“.
Понатаму, беше упатен и повик кон секој граѓанин кој сака да волонтира, помогне, или на било каков начин да придонесе кон зачувување на ГТЦ, слободно да се пријави во регистарот за волонтери кој е поставен на Фејсбук страната „Го сакам ГТЦ“.
Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ презентираше и резултати од истражување на јавното мислење кое во изминатите денови било спроведено на територијата на општина Центар.
Според овие резултати, 86,2% од граѓаните на Центар ја поддржуваат иницијативата „Го сакам ГТЦ“, а дури 32,5% во изминатите две години учествувале барем во една активност или кампања како што е гушкањето, потпишувањето петиција или протестирањето. Истражувањето, исто така, покажало дека дури 85% од граѓаните на Центар ја поддржуваат одлуката да се одржи референдум за изгледот на ГТЦ, додека, пак, 82,1% се согласуваат со ставот дека „ГТЦ треба да се реновира, но со задржување на автентичниот изглед на фасадата.“
„Токму овие резултати, на убедлив начин ја покажуваат поддршката од граѓаните која ние мора да ја оправдаме, но и да ги вложиме сите сили да ги поттикнеме на 26 април да излезат на гласање во што поголем број. Овој референдум мора да не обедини сите!“, истакна Даница Павловска. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

