Скопје
И улиците во Аеродром се посеани со калциум магнезиум ацетат
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и директорот на ЈП „Комунална хигиена”, Ракип Дочи во сабота извршија увид во третирањето на булеварот „Трета македонска бригада” со средството калциум магнезиум ацетат, за намалување на загаденоста на воздухот.
„Градот Скопје од вчера започна со третирање на улиците и булеварите на територијата на Општина Аеродром со средството калциум магнезиум ацетат, како една од мерките за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух. Со овој процес ќе бидат опфатени булеварот “Трета македонска бригада” (од крстосницата со улицата “Коста Новаковиќ” до раскрсницата со булеварот “Србија”) и булеварот “Србија” (од крстосницата со булеварот “12.Македонска бригада” до крстосницата со булеварите “Видое Смилевски Бато” и “Јане Сандански”), а третирањето ќе се врши два пати дневно. Анализите од досегашното прскање укажуваат дека ова средство има ефект на намалување на загадувањето и ние ќе продолжиме со третирањето на градските улици и булевари. Паралелно со оваа мерка, инспекциските служби на Градот Скопје во соработка со инспекциите на општините во Скопје се на терен и вршат контрола на градилиштата и на фирмите дали истите работат во согласност со поставените еколошки стандарди“, изјави Трајановски.
Градоначалникот Коневски изјави дека службите на Општина Аеродром ги превземаат сите мерки кои се во нивна надлежност за намалување на загаденоста и дека инспекциските служби на Општината се во постојана комуникација и координација со инспекциските служби на Град Скопје и истите се на терен.
Средството калциум магнезиум ацетат се користи за контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и за стабилизација на патиштата. Средството е еколошки производ, биоразградлив, не е штетен за растенијата (погоден е за апликација во близина на паркови и зелени површини), а најважно е што не е корозивен (нема да предизвика оштетување на возилата). Производот е лесен за апликација и целосно е стабилен, што значи може да се чува за подолг период.
Важно е да се нагласи дека брзината на улиците каде што ќе се аплицира средството калциум магнезиум ацетат ќе биде ограничена на 40 километри/час, заради можна појава на лизгавост на коловозот. На улиците е веќе поставена и соодветна сообраќајна сигнализација. Градот Скопје за оваа намена има подготвено сообраќаен проект.
При неговото аплицирање како резултат на неговиот состав може да се почувствува слаб мирис на оцет, кој исто така не е опасен по здравјето на луѓето.
Искуствата од европските градови каде што се користи ова средство укажуваат дека со негово аплицирање потенцијалот за намалување на прашината е од 10 до 30 проценти./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

