Скопје
Инспекцијата на Општина Центар влезе во новиот објект на ВМРО–ДПМНЕ
Општина Центар изврши инспекциски надзор над градбата на АДГ Бетон, чиј дел е и седиштето на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ.
„Инспекцијата, при увидот на лице место, констатираше дека инвеститорот има ставено во функција дел од објектот, иако за тоа не се исполнети законските предуслови. Односно, објектот е во фаза на изградба и согласно Законот, БЕТОН не може да достави записник од надзорен орган со кој ќе побара технички прием и упис во Катастар. Попрецизно кажано, објектот нема употребна дозвола“, се вели во соопштението од Општина Центар.
Понатаму се додава дека од увидот, инспекцијата констатирала дека над влезот на објектот на политичката партија ВМРО–ДПМНЕ има балкони и покриен дел, иако градежната маркица завршува со објектот.
„Инвеститорот немал законско право градбата да ја прошири над делот кој е сопственост на Република Македонија. Според увидот, објектот излегува од границите на градежната парцела и зафаќа дел од имот на Р.М. Инвеститорот се обиде да објасни дека од град Скопје добил дозвола за поставување урбана опрема на јавна површина, но овој дел не може да влезе во категоријата на урбана опрема“, се вели во соопштението.
Инспекцијата на општина Центар ќе ги побара документите од град Скопје и од инвеститорот АДГ Бетон и, согласно позитивните прописи, ќе донесе соодветни управни акти. Од понеделник, инспекција на општина Центар повторно ќе побара од инвеститорот да овозможи увид на дел од објектот кој е пуштен во функција, со цел да констатира дали градбата одговара на одобрениот проект, доставен и одобрен од општина Центар. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

