Скопје
Нова детска градинка ќе се гради во Аеродром
Проект за изградба на нова детска градинска во Општина Аеродром со капацитет од 250 места најави во петокот градоначалникот Ивица Коневски.
„Денеска на мое огромно задоволство, а верувам и на задоволство на многу родители, можеме да го најавиме новиот проект на Општина Аеродром за изградба на нова детска градинка, втора по ред оваа година“, изјави Коневски.
Новата детска градинка, ќе биде изградена во рамки на клонот „Чекорче“ со средства од Буџетот на општината.
Според проектот, објектот ќе ги исполнува сите неопходни стандарди за ваков тип институции и ќе овозможи современи услови за згрижување и престој на деца од претшколска возраст.
Објектот ќе содржи 6 големи занимални на приземје и три на катот, што значи вкупно 9 занимални, простор за прием, кујна, санитарни јазли, административен простор и подрумски простории и сето тоа на површина од 1.700 квадратни метри.
Градинката ќе биде опремена со креветчиња, масички, столчиња, плакари, нагледни средства и играчки. Објектот ќе биде енергетски ефикасен, а материјалите за изградба ќе бидат еколошки прифатливи.
Со изградбата на новата детска градинка, како што рече градоначалникот Коневски, се очекува да се задоволи потребата од поголем капацитет за згрижување на децата, која е реална со оглед на зголемениот број дечиња во Општина Аеродром.
Дека грижата за децата е континуирана зборува и фактот што претходно беше изградена градинката „Сонце“ во Реонски центар „Аеродром“, а беа целосно реконструирани и постојните детски градинки, со цел да се овозможат што подобри услови за престој и воспитување на децата од претшколска возраст. Исто така, во 2017 година се очекува изградба на уште еден ваков објект. /крај/мф/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Засилени контроли во Центар, 50 евра глоба за непрописно паркирање, порача Герасимовски
Комуналните инспектори и редари на општина Центар спроведуваат засилени контроли на возила кои се непрописно паркирани на јавни и зелени површини.
На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, со предвидена казна од 50 евра во денарска противвредност, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на општина Центар.
Сторителот на прекршокот е должен веднаш да го подигне прекршочниот платен налог во Општина Центар, Сектор за инспекциски работи, барака 6А. Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот.
По истекот на рокот следува целосна наплата, односно се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд, извести Општината.

„Редот се спроведува доследно и без исклучоци. Жителите на Центар го бараат тоа од нас. Безбедноста на пешаците и заштитата на јавните и зелените површини ни се приоритет“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат правилата и да придонесат за подобра урбана и животна средина.

