Скопје
Општина Шуто Оризари ќе добие отворен пливачки базен
Агенцијата за млади и спорт го објави во четвртокот Повикот за избор на изведувач за изградба на отворен пливачки базен, односно комбиниран пливачки, ватерполо базен и базен за скокови во вода во скопската општина Шуто Оризари.
Согласно проектот, кој Агенцијата за млади и спорт најавува дека ќе го реализира по добивање на соодветната градежно-техничка документација, базенот ќе биде со олимписки димензии 50 на 25 метри и со максимална длабочина до 3,5 метри, каде ќе можат да се одржуваат и меѓународни натпревари според правилата и критериумите на меѓународната пливачка федерација ФИНА.
„Отворениот базен, пред сé, се гради поради задоволување на потребите на граѓаните на Шуто Оризари, потребите за изведување училишна настава и тренинг на пливачкичките школи како и за рекреативно спортување“, соопштија од Агенцијата за млади и спорт.
Базенот, според нив, ќе биде со две корита: едно големо базенско корито со максимала длабочина до 3,5 метри и едно мало базенско корито со длабочина до 1,2 метри кое ќе биде наменето за најмладите корисници и обука на непливачи. Ќе биде изградена, исто така, и скокалница за синхрони скокови. Ќе има поставен семафор со тајмер за следење на натпреварите.
Покрај базенскиот простор ќе се изгради и платформа за сoнчање која ќе се користи и како гледалиште за посетителите. Базенскиот простор ќе биде достапен и за лицата со посебни потреби и ќе има пет влезови за посетителите.
Пливачкиот спорт во Македонија е еден од најтрофејните спортови и секако е спорт кој ни дал голем број на олимписки спортисти.
Агенцијата за млади и спорт со последните потфати очекува да го врати пливањето на старите патеки и поради тоа со засилено темпо и посветеност вложува во развојот на спортско-пливачката инфраструктура./крај/мф/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

