Скопје
Откриена нова подводна пештера на Матка
Македонските нуркачи предводени од спелеo- нуркачкиот клуб „Врело“ и нуркачкиот клуб „Акватек” пронајдоа нова подводна пештера во езерото Матка.
За време на изведување на редовни активности во езерото и пештерата Врело, домашните нуркачи го забележале влезот од новата подводна пештера и решиле да го истражат пределот во кој се наоѓа. Влезот не се забележува лесно бидејќи е премногу скриен во околниот карпест предел и е многу тежок за влегување бидејќи отворот за влез е премногу тесен. „И покрај тешкиот пристап успеавме да го совладаме и да влеземе во подводната пештера каде што се отвара голема галерија која се двои во два правци, односно два канали“, изјави Гоце Димитриевски, сертифициран пештерски нуркач од Врело.Експедицијата од нуркачи претпоставува дека постои меѓусебна поврзаност со Врело, поради непосредната близина на двете подводни пештери. Тие сметаат дека некој од внатрешните канали кои ги забележале при експедицијата е можно да водат токму до некоја од галериите на Врело. „Во галеријата забележавме голем број жив свет и подводна флора, што само ни налага понатамошно истражување и документирање“, вели Даниел Атанасовски, сертифициран инструктор по нуркање од клубот „Акватек“ и додава дека домашните нуркачи ќе подготват нова експедиција во која систематски ќе ја истражат структурата на формации и ќе документираат се што ќе пронајдат во новооткриената пештера. Подводните пештери претставуваат природно богатство и привлекуваат како домашни така и странски посетители, а воедно носат и големи научно – истражувачки резултати и сознанија. Подводните пештери се често извори на чиста вода, којашто претставува само 2.5 проценти од вкупната водна површина на Земјата. Затоа водата во новата пештера ќе биде дополнително истражувана со понатамошните експедиции на нуркачите од „Акватек“ и од „Врело“./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Наградата „Феникс“ е силна порака дека Центар ги вреднува знаењето, талентот и истрајноста
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја додели највисоката општинска награда „Феникс“ за постигнувања во науката, уметноста, културата, спортот, воспитувањето и образованието за 2025 година.

Герасимовски потенцираше дека Општината и Советот ќе продолжат да ги поттикнуваат и вреднуваат трудот и успехот на своите жители.

„Наградата е признание за посветеноста и талентот на нашите сограѓани, кои ја афирмираат Општина Центар на домашната и меѓународната сцена. Особено ме радува фактот што добитниците се млади центарци, кои допрва ќе го градат својот живот и кариера“, нагласи Герасимовски, честитајќи им на наградените.
Тој им посака да продолжат со усовршување во науката, на спортските терени и во уметноста.

Добитници на „Феникс“ се:
Софија Пиштолова, ученичка во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ – модерни танци
Марко Татули, ученик во СУГД „Методија Митевски Брицо“ – боречки спортови
Кристијан Јанев, ученик во СУГД „Орце Николов“ – тенис
Тамара Танеска, ученичка во ООУ „Кочо Рацин“ – природни науки
Виктор Вранишкоски, ученик во ООУ „Коле Неделковски“ – пливање
Томи Тодоровски, ученик во ООУ „Киро Глигоров“ – триатлон
Наградените добија дипломи и паричен износ од 30.000 денари.

Признанието „Феникс“ го носи името на митолошката птица феникс, симбол на Општина Центар, кој ја претставува истрајноста, обновата и успехот.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје поради најавен протест
Денеска со почеток во 17:00 часот во организација на Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) ќе се одржи протест со почеток на траса на движење од пред зградата на ССМ на улицата „Мирче Ацев“, лево по улицата „Филип 2-ри Македонски“, десно по улицата „11-ти Октомври“, право по улицата „Димитрие Чуповски“, десно по улицата „Васил Главинов“, право по булеварот „ВМРО“, лево по булеварот „Илинден“ до пред Владата.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај по горенаведените сообраќајници во град Скопје.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се движат учесниците.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Сопиште
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во период од 08.30 до 15.00 часот корисниците, од Ул.Чаирска (општина Чаир)
· во период од 09.00 до 12.00 часот корисниците,од Горно Соње Ул.7 и Ул.9 (општина Сопиште)

