Скопје
Отворено ново детско игралиште во Градски ѕид
Во рамки на акцијата „Работно лето 2015“, на територијата на скопската општина центар отворено е детско игралиште во Градски ѕид, на плочникот меѓу „Агромеханика“ и Клубот на новинари.
Станува збор за современо комбинирано детско игралиште на 250 квадратни метри., кое е наменето за деца од три до 11-годишна возраст. Изработено е од дрвени елементи, составено е од две куќарки, платформа, столбови за качување со јаже, двојни лулашки и лизгачи со различни висини, а реквизитите – со амортизери, за најмалите.
Комплексот е надополнет со урбана опрема (канти за отпадоци и клупи). Поставена е заштитна гумена подлога, која ќе ги намали повредите на децата, лесна е за одржување и чистење и особено е важно што ги заменува старите типови на нехигиенски подови.
Игралиштето е поставено на оваа локација, на барање од граѓаните, кои изречно бараа преместување на детското игралиште кое досега се наоѓаше на булеварот „Климент Охридски“, во близина на бензинска пумпа и сред градски метеж, информираат од службата за односи со јавноста на Општина Центар
Новата локација е далеку од сообраќај, а техничкото решение овозможува поефикасно одржување на целиот комплекс. На поранешната локација на игралиштето ќе биде подигнат заштитен зелен појас.
Планирано е комплетна реконструкција и на три други детски игралишта (Индијанско маало, Француски културен центар и кај Коктел бар), како и кај Зелен пазар./крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

