Скопје
ОУ „Кирил и Методиј“ во Скопје добива училишна спортска сала
Основното училиште „Кирил и Методиј“ во центарот на Скопје до мај 2017 година треба да добие училишна спортска сала, а во изградбата која е почната, вложени се 32 милиони денари од буџетот на Министерството за образование и наука.
Локацијата денеска ја посетија заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој изјави дека изградбата на салата е ветување од нивната програма.
„Основното училиште „Кирил и Методиј“ досега никогаш немало спортска сала, а се работи за училиште кое има многу ученици, кое е во самиот центар на Скопје и во кое гравитираат ученици од целиот град, некои што живеат во околината, а некои чии родители работат во околината. Така што, сериозно недостасуваше ваков објект, и го имавме ветено во нашата програма на изборите. Имавме намера да го започнеме и порано, но се појавија некои проблеми кои ги надминавме и сега градбата е започната. До мај следната година треба да биде завршено. Во него се инвестираат 32 милиони денари“, изјави Груевски.
Тој соопшти дека до сега се завршени 94 спортски сали преку Министерството за образование и наука и Агенцијата за млади и спорт. Две сали се речиси готови, а уште три до четири се очекуваат до крајот на годинава, со што ќе бидат вкупно сто изградени спортски сали.
„До крајот на годината ќе се заокружи на 100 бројката од спортски сали завршени, изградени и пуштени во употреба. Веќе наредната година очекуваме да бидат повеќе од 110“, рече истакна Груевски.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски очекува максимална искористеност на овие објекти како резултат на вложувањето во спортската инфраструктура, но и со новите мерки во областа на спортот кои беа најавени минатата недела.
„Покрај тоа, со физичката активност значително ќе се подобри и здравствената состојба кај учениците бидејќи сме сведоци дека со развој на технологијата децата помалку го посветуваат времето на спортски активности“, изјави Ристовски.
Инаку, ОУ „Кирил и Методиј“ е едно од двете основни училишта во Македонија (заедно со ОУ „Браќа Миладиновци“ во Аеродром) каде што четврта учебна година се спроведува меѓународната ИБ-програма.
„Програмата се одвива одлично, училиштето целосно го има прифатено концептот. Сега и со завршувањето на овој спортски објект, ќе ги има сите предуслови за апликација за комплетна дозвола од ИБ од Швајцарија. Ако биде се како што треба, ова ќе биде првото комплетно лиценцирано училиште во Република Македонија кое ќе работи по ИБ-стандардите и првите излезни резултати ќе ги добиеме со тоа што тие ученици ќе се вклучат во средно училиште. А за таму имаме нови планови за овозможување континуитет на ИБ-програмата“, истакна Ристовски, додавајќи дека од примената на ИБ е задоволен и во другото училиште – ОУ „Браќа Миладиновци“./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 04:00 до 08:00 часот, корисниците од населбите: Бутел и Север, општина Бутел, Топанско Поле и дел од Чаир, општина Чаир и Шуто Оризари и Визбегово, општина Шуто Оризари;
· од 07:30 до 15:30 часот, корисниците на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, броеви од 49 до 53, како и објектите во околината на Поликлиника – Идадија, општина Центар;
· од 08:00 до 16:00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов, подулици бр. 10, 15 и 18, општина Аеродром;
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од улицата Финска, општина Гази Баба;
· од 11:00 до 14:00 часот, корисниците од улицата Крагујевачка бр. 9, општина Карпош;
Македонија
Претседателот на Албанија во тридневна посета на Македонија, посебен режим на сообраќајот во Скопје
В четврток, петок и сабота, во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува Бајрам Бегај, претседател на Република Албанија.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на градот Скопје.
СВР Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и упатствата што ќе ги даваат униформираните полициски службеници, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Македонија
Вчера за првпат откако функциниора „Безбеден град“ не е регистрирано ниту едно минување на црвено светло
Првпат откако функциниора системот „Безбеден град“, на 24.02.2026 не е регистриран ниту еден прекршок за минување на затворен семафор – црвено светло. На подрачјата на градовите и коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 526 прекршоци, од кои 84 се сторени од возачи кои управувале возило со странски регистарски таблички, извести МВР.
За управување на возило со брзина поголема од дозволената регистрирани се 504 прекршоци и 22 за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола. Исто така, изречени се вкупно 17 мерки „забрана за управување со возило“ – сите за управување возило со поголема брзина од дозволената, од кои 13 за брзина поголема од 80 км на час во населено место и четири мерки за брзина поголема од 10 км на час сопствено ограничување на возило.
Во рамки на предвиденото дозволено отстапување во брзината на движење толерирани се 3.336 возачи, соопшти МВР.

