Скопје
Почна изградбат на палатата за Државниот завод за ревизија
Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, во вторникот присуствуваше на удирањето на камен темелник на новата зграда во која ќе бидат сместени Државниот завод за ревизија и Геолошкиот завод на Република Македонија.
Објектот ќе го носи името „Палата Емануел Чучков“ и ќе биде распространет на површина од околу седум илјади метри квадратни. Тој ќе се состои од подрумски простории, приземје и шест ката од кои поголем дел ќе бидат наменети за Државниот завод за ревизија, помал дел за Геолошкиот завод, а со дуќаните ќе стопанисува ПУИК.
Државниот завод за ревизија на Република Македонија и Геолошкиот завод на Република Македонија ќе бидат функционално одвоени со два различни влезови.
Вредноста на оваа инвестиција ќе изнесува околу седум милиони евра и се предвидува истата да биде изградена во период од две години.
Премиерот Никола Груевски истакна дека целта е да се моделираат модерни, силни и ефикасни институции кои во целост ќе одговорат на потребите и ќе бидат предводници во развојот на нашата земја.
Според него потребен е суштински и сеопфатен пристап и континуиран влог во нивно одржување, унапредување и обезбедување на севкупни услови за непречено работење на вработените.
„За жал ваквата потреба се провлекува долги години наназад во кои голем број државни институции се селеа од едно на друго место, работеа во импровизирачки и несоодветни услови и на крајот за сето тоа граѓаните и државата издвојуваа огромни суми на пари за закуп на простории. Токму затоа оваа влада се реши темелно и систематски да го реши овој проблем“, истакна Груевски.
Споре него покрај користа од новата зграда која ќе претставува и уникатно архитектонско здание и ќе даде нова естетска убавина на македонската метропола, позитивни ефекти ќе има и во градежништвото кое добива уште еден крупен проект на кој ќе работат повеќе фирми и дејности поврзани со оваа гранка.
Тања Таневска, главен државен ревизор, посочи дека денеска почнува реализацијата на една од главните цели на Државниот завод за ревизија токму во годината кога институцијата ја слави 15-годишнината од своето успешно функционирање.
„Со тоа симболиката на овој чин добива на значење и за наше натамошно поуспешно работење во функција на заштита на интересите на нашите граѓани“, рече Таневска.
Таа нагласи дека во изминатите 15 години Државниот завод за ревизија вложувал максимални напори да се изгради во цврста и стабилна институција која успешно ќе придонесува за промоција и градење демократско општество и владеење на правото, а со тоа и за подобро функционирање на институциите на системот.
„Новата зграда на Државниот завод за ревизија и новите услови за работа ќе претставуваат стимул за нас и за нашиот и досега високо професионален однос кон работата и мандатот што ни е даден со законските прописи да го унапредиме на ниво со кое Република Македонија и понатаму ќе може да се гордее“, рече Таневска.
Новата зграда на Државниот завод за ревизија и Геолошкиот завод се гради на местото на старата зграда на Геолошкиот завод кој од неодамна Владата повторно го стави во функџија./крај/мф/ап
Извор: foto MIA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

