Скопје
Пуштен во употреба нов кружен тек во Скопје
Новиот кружен тек меѓу улиците 16.Македонска бригада и Коце Металец во вторник официјално беше пуштен во употреба.
Ова ново сообраќајно решение придонесе да се зголеми безбедноста во сообраќајот од Автокоманда кон Железара, а просторот доби целосно нов и уреден лик. „На местото на постојната крстосница меѓу улиците 16.Македонска бригада и Коце Металец беше формиран кружен тек со дијаметар на средишниот зелен појас од 60 метри. Во самиот кружен тек се формирани 2 сообраќајни ленти со вкупна ширина од 9 метри. Извршена е и реконструкција на коловозот на улицата 16.Македонска бригада, на должина од 390 метри, како и на дел од улицата Коце Металец, на должина од 240 метри. Околу кружниот тек и на влезните улици е уреден нов тротоар со ширина од 3 метри и велосипедска патека со ширина од 2,5 метри, покриена со бекатон-плочки. За одведување на атмосферските води од новиот кружен тек е изградена атмосферска канализација со Ф 600 милиметри и Ф 400 милиметри, на вкупна должина од 634 метри. Во текот на градежните работи е извршена заштита на гасоводната цевка, а поставена е и нова водоводна мрежа со Ф 200 милиметри, на должина од 52 метри“, рече скопскиот градоначалник Коце Трајановски.На кружениот тек е поставено и ново улично осветлување, со 35 столба со висина од 8 метри и 39 светилки со моќност од 250 вати. Во средишниот дел на кружниот тек и од страните уредена е вкупна зелена површина од 11.800 квадратни метри. Во зеленилото е поставен систем за полевање со 34 прскалки, 22 хидранти, 13 шахти и 4 шахти за систем капка по капка. Во кошницата што го краси кружниот тек и околу неа се засадени околу 10.000 цвеќиња, а уредувањето на зелените површини го извршија екипи на ЈП „Паркови и зеленило“. Вкупната вредност на проектот за изградба и уредување на кружниот тек меѓу улиците 16. Македонска бригада и Коце Металец изнесува околу 53,6 милиони денари. /крај/мф/ст
Извор: Град Скопје
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

