Скопје
Пуштена во употреба новата инфраструктура во населбата Реонски центар „Аеродром“
Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски заедно со градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, во понеделник ја пушти во употреба комплетно новата инфраструктура во населбата Реонски центар „Аеродром“.
„Со овој проект не само што се поврзаа сите објекти во населбата, туку се обезбеди и уште еден излез на булеварот „Видое Смилевски – Бато“, со што ќе се растовари постојниот сообраќај“, изјави градоначалникот Коневски.
Тој додаде дека проектот опфати изградба на нови сервисни улици со тротоари во вкупна должина од околу еден и пол километар, со целосно осветлување.
Исто така, во рамките на проектот се изградени и околу 1.000 паркинг-места. Потребата од изградба на комплетно нова инфраструктура беше неопходна поради сè поголемиот број нови станбени објекти во овој дел од Општината.
Изградбата на инфраструктурата во Реонски центар Аеродром чини 70 милиони денари обезбедени од Буџетот на Општина Аеродром.
Градоначалникот Трајановски изјави дека Градот Скопје го следи овој проект со тоа што ги извршува работите од своја надлежност во конкретниот случај парковското уредување со зеленило во Реонски центар „Аеродром“, со што на неговите жители ќе им се подобрат условите за живот. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради уличен дефект на водоводна цевка Ф 80мм. на булеварот Илинден бб. во кругот на Ј.П.Парови и Зеленило Скопје, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на булеварот Илнден од крстоницата со улицата Франклин Рузвелт до крстосницата со булеварот 8ми-Септември, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00часот до завршување на работните активности.

