Скопје
Скопјани покажаа дека го поддржуваат животот на тркала
Огромна група велосипедисти, велосиопедски здруженија, граѓани со тротинети, млади со ролерки, родители со колички за бебиња и пешаци во неделата од 18 часот ја поддржаа ревијалната трка „Вози право, вози здраво“ во организација на Стопанска банка, чија стартна позиција беше i-bank storе концепт филијалата на Стопанска банка.
Трката заврши во градскиот парк со голема забава со 5+ Бендот, единствената Калиопи и диџеј Гоце САФ.
Со оваа ревијална трка на алтернативни превозни средства што не ја загадуваат животната средина, а помагаат во развивање на здрави навики, Стопанска банка сакаше да ја подигне свеста за предностите на ваквиот начин на превоз како нешто од големо значење за Скопје, посебно за најмладите.
Со секој извозен метар, учесниците во оваа трка донираа за изградба на урбан детски велосипедски и сообраќаен полигон, кој ќе се наоѓа во Парк Македонија и ќе биде безбедно место каде децата ќе може да учат да возат велосипеди, тротинети, ролерки, но и сообраќајни правила преку поставената вертикална и сообраќајна сигнализација.
На вчерашниот настан во градски парк се доделија и бројни награди за учесниците, најмалите цртаа на АРТ улицата, играа игри и имаа можност да ги разубават своите велосипеди или скејтови со уникатен дизајн.
Сведоштвата од добрата атмосфера ги преплавија и социјалните медиуми каде посетителите под #ВозиПравоВозиЗдраво објавуваа свои фотографии и импресии.
Како пример за општествено одговорна компанија, во своето делување Стопанска банка посебно внимание посветува на оркужувањето и неговото оплеменување. Во текот на изминатите години Банката инвестираше во оперативна инфраструктура, развој на модерни и флексибилни банкарски производи, како и во алтернативни и еколошки канали за банкарските услуги преку i-bank сервисите.
Изградбата на урбаниот велосипедски полигон за деца ќе биде завршена за помалку од два месеца. Ќе се протега на површина од 660м2 и со должина од 270м. Широчината на патеката е поделена на дел за возење од 100см и два дела – тротоари од по 50см за пешаци. Патеката ќе има гумена облога како завршна обработка што се нанесува врз бетонска подлога и делумно завршна обработка во вид на калдрма. Скопје ќе добие ново место за одмор, рекреација и уживање за целото семејство, а користењето на овој детски полигон ќе биде бесплатен./крај/мф/би
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Комунална хигиена-Скопје: Најголемо количество непрописно одложен отпад во февруари, 600 кубни метри, е подигнато во општината Центар
Во текот на месецот февруари 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 11 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, извести ЈП Комунална хигиена-Скопје.
„Отстранети се и 2505 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 600 кубни метри – е подигнато во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец февруари изготви вкупно 100 записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Записниците за прекршителите на Законот за јавна чистота беа врачени во следните општини:
1. Општина Чаир – 54 записници
2. Општина Карпош – 18 записници
3. Општина Аеродром – 11 записници
4. Општина Центар – 9 записници
4. Општина Ѓорче Петров – 6 записници
5. Општина Гази Баба – 2 записника
ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со реализација на еко-предавања и работилници во скопските основни училишта и предучилишни установи. Преку еко-едукацијата најмладите жители на нашиот град се запознаваат со активностите на Претпријатието, се едуцираат како правилно и совесно да постапуваат со својот комунален отпад, на кој начин се врши примарната селекција на отпадот и како се одвива процесот на рециклирање.

Во текот на минатиот месец, 253 ученици и 64 дечиња од основните училишта и градинките во општините Аеродром, Центар и Чаир имаа можност да ги проследат едукативните предавања за правилно постапување со отпадот и заштита на животната средина. Предавањата се одвиваа на македонски, албански и турски јазик“, соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
Посебен режим на сообраќај денеска во Скопје
Денеска, во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Н.Е. Марк Руте.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Без вода делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· Поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на улицата Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија, општина Центар;
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во село Бојане, во наредните 4 дена (03.03 до 06.03.2026 година) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане, општина Сарај.

