Скопје
Спорните ДУП-ови повторно на дневен ред во општина Центар
Претседателот на Советот на скопската општина Центар, Мирослав Шиповиќ, на седница на Советот што треба да се одржи во понеделник во 13 часот, на дневен ред повторно ќе ги стави спорните Детални урбанистички планови Тасино чешмиче и Градски четврт, иако претходно градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски ги отфрли.
Шиповиќ ДУП-овите повторно ги става на дневен ред согласно законската регулатива, според која по две седмици истите се враќаат на гласање.
Градоначалникот Андреј Жерновски веќе еднаш донесе решение за запирање на објавување на одлуката за измени во деталните урбанистички планови.
Минатата недела Жерновски изјави дека доколку на наредната седница на Советот на општина Центар не се промени ништо во однос на донесената одлука, ќе се обрати и до Уставниот суд за времено запирање на одлуката за измени во спорните детални урбанистички планови, од кои со едниот се предвидува и изградба на висококатница на Водно.
Пред две недели советниците на ВМРО-ДПМНЕ заедно со претседавачот Мирослав Шиповиќ ги поставија овие точки на дневниот ред, по што останатите советници од СДСМ и од коалицијата ја напуштија седницата во чие продолжение 11 советници од од ВМРО – ДПМНЕ гласаа за плановите, додека Шиповиќ се изјасни против.
Иако потегот на Шиповиќ беше сфатен како обезбедување на кворум за гласањето на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш се испостави дека оваа одлука не е легална бидејќи не е донесена со мнозинство од вкупниот број на советници./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска делови од Центар и Гази Баба
Од ЈП „Водовод и канализација“ известуваат дека денеска, поради промена на вентил на кеј 13 Ноември бб – објект на Комерцијална банка, без вода ќе останат дел од корисниците од улицата 13 Ноември, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 9 часот, па сè до завршување на работата.
Денеска исто така поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Пиринска бр. 49, во периодот од 10.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Наум Наумовски Борче лоцирани на потегот од ул. Ленинова до ул. Орце Николов, општина Центар.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради реконструкција на водоводна мрежа од ф – 250 мм на ул. Методија Андонов Ченто – кај Макпетрол, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на реконструкцијата без вода ќе останат дел од корисниците од населба Ченто, општина Гази Баба.
Македонија
Завршна фаза на градежните активности за изградба на паркинг-простор и заштитна ограда на Средното општинско стручно училиште „Илинден“
Проектот за изградба на нов паркинг простор во рамки на Средното општинско стручно училиште „Илинден“ е во завршна фаза. Општина Илинден со оваа инвестиција овозможи паркинг простор на површина од приближно 550м², со капацитет за од околу 30 возила, кој ќе се користи за потребите на училиштето, со што ќе се овозможат подобри услови за работа и поголема сообраќајна уреденост во непосредната околина, велат од Општината.

Во завршна фаза е и реализацијата на проектот за поставување нова заштитна ограда околу спортскиот комплекс „Драго Маневски“. Во рамки на активностите се изведуваат бетонски работи и се поставува ограда во должина од околу 250 метри, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите корисници на спортскиот простор, соопшти општина Илинден.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во завршните фази на градежните активности и истакна дека ваквите проекти се насочени кон подобрување на условите за функционирање на образовните институции, како и кон унапредување на функционалноста и безбедноста на спортската инфраструктура.

Македонија
Кисела Вода подготвува тридневна новогодишна приказна за граѓаните
Во Домот на култура „Билјана Беличанец“ денеска се одржа прес-конференција на која градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со дел од изведувачите, ја најави тридневната празнична манифестација „Новогодишна приказна“. Истата ќе се одржи од 28 до 30 декември во паркот „Шопен“.
Настанот го модерираше Миро Кацаров, кој воедно ќе биде и водител на целата празнична програма, внимателно осмислена за сите генерации.
Во рамки на „Новогодишната приказна“, посетителите ќе имаат можност да уживаат во настапите на Антониа Гиговска, Либеро бенд и Миле Кузмановски со бенд, а празничната атмосфера во овие три дена дополнително ќе ја збогатат Ди Џеј Марио со труба, „Пауза за ракија“, Оле Поцкова од „Зевзекманија“ со монодрама , како и Бока Конга и Боби Сакс.

Паркот „Шопен“ ќе биде празнично уреден, со поставени новогодишни куќарки и содржини наменети за посетителите во текот на тридневната манифестација.
Посебно внимание е посветено на најмладите. На 30 декември, за децата е предвидена програма со музички точки од градинките „8 Март“ и „Весели цветови“, претстава со Дедо Мраз, анимирана програма, мини-концерт на училишните бендови и настап на Ди Џеј Марио. Бесплатни новогодишни пакетчиња ќе добијат сите дечиња од општина Кисела Вода.

Во својата изјава, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска истакна дека заложбата на општината е Кисела Вода да биде место каде што се гради квалитетен живот во секоја смисла, преку континуирани инвестиции, грижа за граѓаните и создавање содржини што го оживуваат јавниот простор и му даваат дополнителна вредност на секојдневието.
-Токму во таа насока, од 28 до 30 декември, во паркот „Шопен“, организираме три дена новогодишни случувања со богата програма и настапи на квалитетни македонски изведувачи, наменета за сите генерации, вклучително и за децата за кои подготвивме бесплатни пакетчиња. Паркот ќе биде празнично уреден и исполнет со новогодишни куќарки, каде што ќе се нудат топли напитоци и празнична храна, со цел граѓаните во целост да уживаат во новогодишната атмосфера“, изјави Стаменкоска Трајкоска.

Воедно, градоначалничката ги покани граѓаните на 31 декември да се приклучат и на големата новогодишна забава организирана од Град Скопје на Градскиот плоштад, како заеднички завршеток на празничните случувања во пресрет на Новата година.

