Скопје
Ученици од Илинден ќе одат на пракса во Кемет електроникс
Компанијата за електронски производи Кемет електроникс ќе обезбеди практична настава и обука во сопствените капацитети за учениците од средното стручно училиште „Илинден“.
Ова се предвидува со Меморандум за соработка во областа на образованието што го потпишаа оптината Илинден и американската компанија.
Меморандумот за соработка го потпишаа градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски и управителот на Кемет електроникс, Гуидо Галени, кои што средбата ја искористија и за посета на средното стручно училиште „Илинден“, како и Домот на култура „Илинден“.
Со потпишувањето на овој меморандум, а со цел збогатување на знаењата на учениците преку практична настава и обука, Општина Илинден ја проширува соработката со локалниот бизнис сектор на полето на образованието, како една од најважните области за развој и фактор на модерен раст.
Меморандуми за соработка со кои се овозможува подигнување на нормите, вредностите и стандардите во образованието, како и подобрување на квалитетот и ефикасноста на стручното образование во средното стручно училиште „Илинден“, Општина Илинден досега потпиша со компаниите МЕПСО, Џонсон Контролс, Џонсон мети, Ван Хол и ОКТА.
Соработката со бизнис секторот е дел од приоритетите на Општина Илинден во насока на намалување на невработеноста. Тоа беше и главна цел поради која се воведе средно образование кое што профилира кадри според потребите на локалната бизнис заедница, практика од поодамна позната во светот, која што кај нас за прв пат се применува во Општина Илинден, се наведува во соопштението./крај/.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

