Скопје
Велопикник и промоција на тематската карта за Паркот на природата „Гази Баба“
На големата ливада во Паркот на природата „Гази Баба“ во истоимената скопска општина во неделата се одржа голем велопикник и промоција на тематската карта за овој парк, како дел од активностите на Град Скопје на третиот ден од Европската недела на мобилност 2016, кој се одвиваше под мотото „Велосипедот неразделен придружник“.
На велопикникот и на промоцијата на тематската карта за Паркот на природата „Гази Баба“ присуствуваше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.„Градот Скопје и годинава се приклучи кон големото семејство европски градови кои ја одбележуваат Европската недела на мобилност и со низа активности ги одбележува деновите на алтернативната и одржлива мобилност. Во деновите од 16-ти до 22-ри септември Градот Скопје организира богата и разновидна програма, која е посветена и интересна за сите граѓани“, посочи ТрајановскиСкопскиот градоначалник укажа дека во Паркот на природата „Гази Баба“ во соработка со Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ е организиран велопикник на кој граѓаните имаат можност да практицираат планински велосипедизам, да џогираат на трим патеката, да уживаат во добра музика и да поминат убаво време на отворено. „Нашата цел е да се дружиме, да се едуцираме и да испратиме порака за поздрав и поактивен живот, како и да го промовираме велосипедот како алтернативно транспортно средство заради одржлива урбана мобилност. Денеска ја промовираме и новата тематска карта за Паркот на природата ‘Гази Баба’, чија изработка ја финансираше Градот Скопје’, додаде градоначалникот на Скопје.На картата за ова зелено катче на неколку километри од центарот на македонската престолнина се презентирани површината и границите на заштитеното подрачје, присутната вегетација и уредувањето со содржини за попријатен престој на граѓаните, а особен акцент е ставен на презентирање на сите патеки, нивната намена и должина. „Ги поканувам моите сограѓани редовно да го посетуваат овој парк, да спортуваат и да рекреираат. Градот Скопје многу вложи во уредувањето на Паркот на природата „Гази Баба“, паркот го обезбедува чуварска служба, влезот со возила е забранет, уредени се трим-патеки, а поставени се и видиковци и урбана опрема“, рече градоначалникот Трајановски.На велопикникот се претставија и локални бизниси специјализирани за производство и дистрибуција на здрава храна и пијалаци, како и велосипедски продавници кои презентираа различни модели на велосипеди, а понудија и бесплатна поправка и совети. На присутните граѓани им беа поделени и флаери со податоци за тематската карта за Паркот на природата „Гази Баба“./крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 04:00 до 08:00 часот, корисниците од населбите: Бутел и Север, општина Бутел, Топанско Поле и дел од Чаир, општина Чаир и Шуто Оризари и Визбегово, општина Шуто Оризари;
· од 07:30 до 15:30 часот, корисниците на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, броеви од 49 до 53, како и објектите во околината на Поликлиника – Идадија, општина Центар;
· од 08:00 до 16:00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов, подулици бр. 10, 15 и 18, општина Аеродром;
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од улицата Финска, општина Гази Баба;
· од 11:00 до 14:00 часот, корисниците од улицата Крагујевачка бр. 9, општина Карпош;
Македонија
Претседателот на Албанија во тридневна посета на Македонија, посебен режим на сообраќајот во Скопје
В четврток, петок и сабота, во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува Бајрам Бегај, претседател на Република Албанија.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на градот Скопје.
СВР Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и упатствата што ќе ги даваат униформираните полициски службеници, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Македонија
Вчера за првпат откако функциниора „Безбеден град“ не е регистрирано ниту едно минување на црвено светло
Првпат откако функциниора системот „Безбеден град“, на 24.02.2026 не е регистриран ниту еден прекршок за минување на затворен семафор – црвено светло. На подрачјата на градовите и коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 526 прекршоци, од кои 84 се сторени од возачи кои управувале возило со странски регистарски таблички, извести МВР.
За управување на возило со брзина поголема од дозволената регистрирани се 504 прекршоци и 22 за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола. Исто така, изречени се вкупно 17 мерки „забрана за управување со возило“ – сите за управување возило со поголема брзина од дозволената, од кои 13 за брзина поголема од 80 км на час во населено место и четири мерки за брзина поголема од 10 км на час сопствено ограничување на возило.
Во рамки на предвиденото дозволено отстапување во брзината на движење толерирани се 3.336 возачи, соопшти МВР.

