Скопје
Виз Ер Скопје трката на 5 км на 20 септември
Организаторите на „Виз Ер Скопскиот маратон“, 10-ти мај оваа година не го паметат само како ден кога беше откажан маратонот, туку и како ден кога на сите верни љубители на трчањето и спортот им ветија трка во претстојната есен која доаѓа.
Со почетокот на првиот есенски месец, организаторите на маратонот официјално ја најавија претстојната ревијална 5 километри. Во организација на Скопскиот маратон, Град Скопје и Сојуз на Спортови Скопје, трката ќе трае до 10:00 часот, а патеката на трчање е иста како за трката на 5км на Виз Ер Скопски Маратон 2015 (ул. Димитрие Чуповски, бул. Климент Охридски, бул. Илинден, ул. Франклин Рузвелт, ул. Теодосиј Гологанов). Оваа ревијална Виз Ер Скопје 5км трка е дел од Европската недела на спортот која е поддржана и организирана од Европската Комисија. Македонија преку оваа трка е дел од спортските активности кои ќе се случуваат во Европа во периодот од 7-ми ми до 30-ти ти септември./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари финансиска поддршка за младите претприемачи од општина Илинден
Општина Илинден, како една од најбрзорастечките општини во регионот, со континуиран раст на локалните економски зони и бизнис секторот, продолжува со активни мерки за создавање поволна бизнис клима и поттикнување на претприемништвото, велат од Општината.
„За таа цел, општина Илинден во 2023 година воведе субвенции за млади претприемачи кои имаат регистрирано трговско друштво со седиште на територија на општина Илинден. Од оваа година, наместо досегашната финансиска поддршка од 6.000 денари за млади до 29 години, општина Илинден овозможува финансиска поддршка од 10.000 денари во времетрање од три години, за сите млади до 35 години кои се активни во занаетчиството или водат мали локални бизниси. Мерката важи од денот на отворање на бизнисот и има за цел поттикнување на младинското претприемништво, самовработувањето и развојот на локалната економија.
Средствата за реализација на оваа мерка во целост се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден, што уште еднаш ја потврдува посветеноста на локалната самоуправа кон поддршка на бизнис секторот, претприемништвото и развојот на локалните економски зони“, извести Општината.
Македонија
Ѓорѓиевски: Убава вест за Скопје – набавуваме повеќе од 40 возила за Комунална хигиена
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска информираше за започнување на најобемната инвестиција во јавната чистота во изминатата деценија, со официјален почеток на постапката за набавка на повеќе од 40 нови, современи и специјализирани возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“.
„Со оваа одлука, Град Скопје прави суштински исчекор кон трајно и системско решавање на проблемот со одржувањето на јавната чистота, подобрување на хигиенските услови и обезбедување достоинствено, организирано и ефикасно собирање на отпадот во сите скопски населби.
Проектот се реализира преку координирана соработка со Министерството за транспорт и Светската банка, а дополнително ќе биде поддржан и со сопствени средства на Град Скопје, што јасно ја потврдува силната институционална заложба за здрав, уреден и модерен град“, соопшти Град Скопје.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Започна темелна трансформација на просторот на потегот во Градски ѕид
Општина Центар започна со подготвителни работи за партерно и хортикултурно уредување на потегот во Градски Ѕид, од Зелено пазарче до улица „Македонија“.

Во рамки на активностите, се отстранува дотраеното детско игралиште во делот зад објектот „Краш“. На истата локација ќе биде поставен нов проширен простор наменет за детска игра, со нови реквизити и подлога.

Веднаш до него се планира и поставување модерна фитнес зона, опремена со справи за вежбање и рекреација.

„Модернизацијата и уредувањето на овој простор беа дел од мојата програма. По барање на жителите, овој потег го уредуваме за да биде достоен за урбаното јадро и за нивните секојдневни потреби“, порача градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

На целиот потег ќе се изврши целосно поплочување. Дотраените и искршени плочи се отстрануваат, се поставуваат нови рабници, како и нов кош на местото на постојниот. Предвидена е и изведба на хидроизолација над подземните гаражи, со цел решавање на проблемот со протекување.

Со проектот е опфатено темелно хортикултурно уредување, поставување нови клупи, светилки и уредени пешачки патеки. Просторот ќе добие функција на мини урбан парк.

Овој дел од Градски Ѕид е исклучително фреквентен, а уредувањето ќе има директно позитивно влијание врз секојдневието на илјадници граѓани, создавајќи зелена и функционална зона што ќе го поврзува Зелено пазарче со деловниот и станбениот дел на општината, велат од Центар.


