Скопје
Владата и Град Скопје ќе ја помогнат изградбата на новата градинка во Капиштец
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во четврток одржаа прес-конференција на која говореа за постапката за изградба на нова градинка во населбата Капиштец, Општина Центар.
Како што информираше министерот Јанакиески, Владата на Република Македонија на последната седница донела одлука за давање на право на трајно користење земјиште кое е во сопственост на Република Македонија на Општина Центар со цел изградба на детска градинка.
„Станува збор за локација во населбата Капиштец, предвидена со Детален урбанистички план за населба „Капиштец”, донесен од 21.12.2012 година од Советот на Општина Центар. Согласно ова, градежната парцела бр 7.4 е предвидена за изградба на објект В2 – Здравство и социјална заштита (детска градинка). Површината на парцелата изнесува 5.320 квадратни метри. На оваа локација во моментов се наоѓа детската градинка ЈДУГ „Кочо Рацин”, којашто е во сопственост на општина Центар и на местото на матичниот објект е предвидена изградба на новата детска градинка“, изјави Јанакиески.
Градоначалникот Трајановски на прес-конференцијата кажа дека Градот Скопје ја поздравува оваа иницијатива, која е по барање на жителите на Капиштец.
„Градот Скопје изградбата на овој објект ќе ја помогне со ослободување на обврската на Општина Центар од плаќање на надоместокот за уредување на градежно земјиште за оваа детска градинка. Со ова Градот Скопје ќе ја помогне изградбата на овој објект кој е од јавен интерес и е од исклучителна важност за Градот Скопје, општина Центар и населба Капиштец“, рече Трајановски.
Министерот Јанакиески и градоначалникот Трајановски дадоа целосна поддршка за овој проект и упатија апел до Општина Центар да ја започнат што поскоро изградбата на овој важен инфраструктурен објект.
„Ја поздравувам одлуката на Владата на РМ и на Град Скопје за давање на трајно користење на парцелата на која што веќе почнаа подготвителните работи за изградба на градинката, како и ветувањето дека општина Центар ќе биде ослободена од плаќање на комуналии за овој проект“, рече градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски, во изјавата дадена по пресот на министерот Јанакиески и градоначалникот Трајановски.
„Освен градинката, како што им ветивме на жителите на општина Центар, ја започнавме процедурата за изградба и на ново училиште. Се надевам дека истата кооперативност со Владата на РМ и со Град Скопје ќе ја имаме и во процесот на изградба на ова ново училиште“, рече Жерновски. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Центар
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради поврзување од стара на нова водоводна мрежа со пречник од ф-200 мм на улицата Тодор Александров бб, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Тодор Александров, Партениј Зографски и Периша Савелиќ, општина Центар.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 10:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Ловќенска, општина Карпош.
Македонија
(Фото) Кисела Вода: Компјутери, принтери и телевизори за училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“
Набавени се компјутери, принтери и телевизори за основните училишта „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, како дел од континуираните активности за унапредување и модернизација на наставниот процес, извести Општината.

„Во периодот кога учениците се на зимски распуст, во училиштата се врши опремување со нова информатичка опрема, со цел второто полугодие учениците да го започнат со поквалитетна настава и полесен пристап до дигитални содржини.

Со оваа инвестиција, општина Кисела Вода уште еднаш ја потврдува својата определба за дигитализација на образованието и создавање современи услови за учење, во чекор со новите образовни стандарди и потребите на учениците“, соопштуваат од Општината.

– Нашата цел е децата да учат во современи и опремени училишта, каде што ќе имаат можност да стекнуваат знаења и дигитални вештини неопходни за нивниот понатамошен развој. Компјутерите, принтерите и телевизорите кои ги обезбедивме во училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ се уште еден конкретен чекор во таа насока, а учениците по зимскиот распуст ќе бидат пречекани со значително подобри услови за настава, изјави градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.




