Скопје
Во општина Центар, најголеми штети во ОУ „Кочо Рацин“
Најпогодено од поплавите во општина Центар е Основното училиште „Кочо Рацин“, соопштуваат од Општината.
Речиси 90 отсто од површината на училиштето синоќа била поплавена, но до утринските часови водата е веќе испумпана од страна на општинските служби. Од понеделник итно се започнува со санирање на штетите во електричната инсталација и кречење на ѕидовите.
Поплавите нанесоа помали штети и на општинската зграда каде е уништена дел од компјутерската опрема и подовите. Во моментот се врши проценка на штетите и се прави план за санација.
Поголеми штети по имотите на граѓаните нема. Поплавени се две куќи во реонот Мало Курило на Водно, каде водата е веќе испумпана. Благодарение на неодамнешното чистење на каналите на оваа критична точка на Водно, превенирана е далеку поголема штета.
Од улиците под надлежност на општината, поголеми штети има на раскрсницата меѓу улиците „Христо Чернопеев“ и „Славејко Арсов“. Таму се одвиваат градежни работи за реконтрукција на коловозот, но тампонот е однесен од водата. Од утрово изведувачот веќе работи на терен и се санира штетата.
Поплавени се и неколку гаражи во Дебар Маало, каде веќе се испумпува водата со пумпи. Општината стои на располагање со пумпи за испумпување и апелира гаѓаните да се јават на 072 268 746 за да побараат помош или да пријават штета.
Градоначалникот Андреј Жерновски и општина Центар изразуваат сочувство до семејствата на настраданите во поплавата./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Нема вработувања во Град Скопје – нема да дозволам ниту еден денар од буџетот на скопјани да биде злоупотребен
„Нема вработувања во Град Скопје – нема да дозволам ниту еден денар од буџетот на скопјани да биде злоупотребен!“, порача градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„Јавно побарав од сите советници да гласаат против одлуката од минатото за вработување на 21 лице, одлука што директно би го чинела градот 1,4 милиони евра. Тоа се пари на граѓаните, средства со кои можеме да изградиме кружни текови, да обезбедиме нови автобуси и да реализираме проекти што носат реална корист за Скопје. На градскиот буџет гледам како на сопствениот.
Кога го презедовме градот во финансиски колапс, со одговорно и домаќинско работење успеавме повторно да го исправиме на нозе. И затоа, партиските апетити немаат место во Град Скопје. Се бориме за Скопје какво што го сакаме – функционално, чесно и во служба на граѓаните“, кажа Ѓорѓиевски.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.

