Скопје
Во Скопје ќе се прскаат улиците со калциум магнезиум ацетат поради загадувањето

Службите на град Скопје, од саботата вечерта започнаа со прскање на градските сообраќајници со калциум магнезиум ацетат, како една од мерките за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух.
Со ова средство во наредниот период ќе се третираат булеварот „Свети Климент Охридски“ и улиците „Свети Кирил и Методиј“ и „Јордан Мијалков“ во центарот на градот, како и булеварот „Трета македонска бригада” (од крстосницата со улицата „Коста Новаковиќ” до крстосницата со булеварот „Србија”) и булеварот „Србија” (од крстосницата со булеварот „12-та Македонска бригада” до крстосницата со булеварите „Видое Смилевски Бато” и „Јане Сандански”) во Општина Аеродром. Согласно со условите на терен, бројот на улици кои ќе се третираат со ова средство ќе се зголеми.
Град Скопје нагласува дека брзината на движење на возилата на улиците каде што ќе се аплицира средството калциум магнезиум ацетат ќе биде ограничена на 40 километри на час, поради можна појава на лизгавост на коловозот. На улиците е веќе поставена и соодветна сообраќајна сигнализација, а изработен е и соодветен сообраќаен проект.
„Калциум магнезиум ацетат е средство кое се користи за контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и за стабилизација на патиштата. Средството е еколошки производ, биоразградлив, не е штетен за растенијата (погоден е за апликација во близина на паркови и зелени површини), а најважно е што не е корозивен (нема да предизвика оштетување на возилата). Производот е лесен за апликација и целосно е стабилен, што значи може да се чува за подолг период. При неговото аплицирање како резултат на неговиот состав може да се почувствува слаб мирис на оцет, кој исто така не е опасен по здравјето на луѓето“, информираа од Град Скопје.
Во соопштението се наведува и дека искуствата од европските градови каде што се користи ова средство укажуваат дека со негово аплицирање потенцијалот за намалување на прашината е од 10 до 30 отсто. За реализација на овој процес, Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ минатата 2015 година специјално адпатираше шест од новите возила./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Герасимовски со водњанци: Реконструирани 20 улици во општината, приоритет се безбедноста и подобра инфраструктура во маалата

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, во рамките на караванот „Се гледаме во маало“, се сретна со жителите на Водно. Средбата помина во конструктивна атмосфера, каде отворено беа споделени проблемите и предлозите за унапредување на маалото.
Жителите побараа поставување урбана опрема на повеќе локации, а изразија загриженост за безбедноста во сообраќајот, поради несовесните возачи. Побараа „лежечки полицајци“ и сообраќајни знаци за намалување на брзината, како и редовно кастрење на зеленилото што го попречува пешачкиот простор. Ја пофалија и работата на хигиеничарите кои , како што рекоа , се постојано на терен и посветено се грижат за чистотата, известува општина Центар.
Герасимовски посочи дека континуирано се работи на подобрување на патната инфраструктура во општината. Во делот на Долно Водно е завршена реконструкцијата на улицата „Елисие Поповски“, на потег долг 700 метри, за што се издвоени 13 милиони денари.
Претходно беше реконструирана и улицата „Антон Панов“.
„Инфраструктурата и поврзаноста на Центар ни се приоритет. Реконструиравме 20 улици низ целата општина, затоа што секое маало заслужува уреден јавен простор и безбедни улици“, истакна градоначалникот Герасимовски.
Караванот продолжува денеска во Пајко Маало (кај Филхармонија), со почеток во 18:30 часот.
Македонија
Арсовска со отворено писмо до Михалис Рокас: Во секоја држава има мафија, само во Македонија мафијата си има своја држава

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска упати отворено писмо до Михалис Рокас, Амбасадор на Европската Унија во Македонија.
„Почитуван господин Рокас,
Денес сте домаќин на Еврокомесарката Марта Кос во Скопје на голем настан Самитот ЕУ – Западен Балкан посветен на Планот за раст.
Вчера излегоа на вонредна прес конференција институциите и пратеникот Бране Петрушевски, во одбрана на нивни партиски миленици кои добиле закани, а за жал нема никогаш да излезат во одбрана или осуда на насилие врз било кој друг, вклучително и врз мене.
Како човек и жена сум немала и немам заштита од ниту една институција за заканите кои континуирано ги добивам, кои сум ги пријавила и за кои јавно зборувам, затоа Ве замолувам на Еврокомесарката Марта Кос да и го пренесете следното од мое име:
ВО СЕКОЈА ДРЖАВА ИМА МАФИЈА, САМО ВО МАКЕДОНИЈА МАФИЈАТА СИ ИМА СВОЈА ДРЖАВА.
За заканите врз мене како жена и некој што не е од екипата на “јаките” партии, министерот за внатрешни работи наместо да постапува си тера политика, при загрозување на мојата, безбедноста на моето дете и семејство, како и безбедноста на вработените во град Скопје, МВР сè уште нема ни формално постапено по ниту една поднесена пријава.
Неодамна откривме значаен криминален скандал во кој е вклучен градоначалникот Висар Ганиу и неговата организирана криминална група од општина Чаир. Оваа група е вмешана во фалсификување и фабрикување на документи од повеќе институции, со што незаконски им овозможиле на одредени (дел малолетни) лица да стекнат милиони. Размерот и дрскоста на овие дела, кои во овој момент достигнуваат 152 откриени случаи, се алармантни и претставуваат сериозна закана за безбедноста на нашите жители.
Како одговор на доказите што ги прибавивме, Основното јавно обвинителство покрена истрага. Доказите ни се потврдени од повеќе јавни институции, како и од повеќе правни и физички лица. И покрај овие напори, заканите по мојата безбедност и безбедноста на вработените од Градот Скопјe кои работеа на откривање на овие кривични дела се интензивираат.
Нашите инспектори и вработените, кои вредно работат на овој случај, се подложени на насилство и брутална сила. Гумите на возилата им беа исечени со ножеви, при што и тие како и јас, добија директни закани по нивната безбедност, од лица вклучени со Висар Ганиу во овој скандал. Овие инциденти се официјално документирани и пријавени во Министерството за внатрешни работи, но бавното темпо на правдата ги става во ризик животот и безбедноста на секој од нас.
Со оглед на посветеноста на Европската Унија на владеењето на правото, што е дел од поглавјата за пристапување кон ЕУ, како и поддршката на напорите во борбата против криминалот и корупцијатата, ви се обраќам да пренесете дека Вашето вклучување не само што ќе го зајакне и придвижи постапувањето кон правдата, туку ќе испрати и јасна порака дека корупцијата и криминалните активности нема да бидат толерирани.
Ви благодарам на вниманието, се надевам ќе се одважите да ѝ ја пренесете на Еврокомесарката Марта Кос мојата порака“, се наведува во писмото на Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје.
Македонија
Дел од населбата Драчево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе остане дел од населбата Драчево.
Од 08:30 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Маркова Река во населба Драчево, општина Кисела Вода, ќе останат без струја.