Скопје
Врачени наградите „13 ноември“ на Град Скопје
Во петок вечер, во Македонската опера и балет, се одржа свеченоста по повод одбележување на Денот на ослободување на Скопје, 13 Ноември.
Во рамки на свеченоста, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на добитниците на признанието „13 Ноември“ на Град Скопје, за 2015 година, им ги врачи наградите и им се обрати на присутните гости.
„И по 71 година од ослободувањето на Скопје, 13 Ноември не го губи значењето како најзначаен датум во поновата историја на главниот град на Република Македонија.13 Ноември сé уште е симбол на слободата, мирот и достоинството на граѓаните од сите националности, но и почеток на забрзан развој, на креативен подем, но и на засилена урбанизација. Иако, има уште многу да се изгради, уреди и дополни како урбани содржини, сметам дека денес скопјани се горди на својот град и на условите за заедничко живеење. Ние не запираме на постигнатото, затоа што на сите нивоа на власта постои очигледна решеност да се искористат сите постоечки ресурси за достигнување на идеалот за модерно, современо и европско Скопје, а пред сé да се создаде град соодветен за брзиот начин на живот на 21-от век. Историјата не може да се врати, но секако и денес вреди да се потсетиме на херојските дела на генерал Михајло Апостолски, на Цветан Димов, на Кузман Јосифовски – Питу, на Панче Неделковски и на сите други што ги посветиле животите за слободниот просперитет на нашиот град. Скопје бил и останува политички и културен центар на нашата татковина и затоа сметам дека ова е вистинска прилика да им се оддаде целосна почит на плејадата борци и преродбеници од разни периоди на историјата кои или постојано дејствувале во Скопје или поминале значителен дел од својот живот во нашиот град. Затоа што делото на ослободителите не е изолиран чин на ангажман предизвикан од актуелните настани во Втората светска војна, туку континуитет на вековна организираност во разни форми на борба за самостоен развој. Секоја активност бара да се направи најдоброто што може и затоа Градот Скопје денес е безрезервно посветен на реализирањето на програмите и проектите. Оваа градска власт нема избор освен да го задржи ова ниво на ангажираност и во иднина. Наша обврска е на идните генерации да им оставиме град во чиј лик ќе препознаваат висок степен на ангажман, односно да им ја пренесеме нашата енергија на посветеност кон потребите на граѓаните, како што тоа го направија претходните генерации неимари“, рече градоначалникот Трајановски. Годинешни добитници на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2014 година се: од областа на науката и публицистиката Димитар Мирчев и Беким Кадриу, од областа на образованието и воспитанието Баки Бакиу, од областа на културата Џабир Ахмети и Братислав Димитров, од областа на уметноста и архитектурата Јелена Жугиќ и Јован Стефановски –Жан, од областа на здравствената заштита и хуманитарната активност Поликсена Илиоска и Гордана Петрушевска, од областа на спортот Стојна Вангеловска и Игор Стефановски и за ученици и студенти Марко Младеновски.
Во името на добитниците, пред присутните се обрати проф. д-р Димитар Мирчев, кој се заблагодари за ова високо признание и на присутните им го честита 13 Ноември, Денот на ослободување на Скопје.
„Скопје како главен град на Република Македонија во изминативе 71 година стана центарот на творештвото и развојот, каде се остварени многу дела во многу сфери: културата, спортот, уметноста и науката. Ние сме горди што имавме можност да дадеме мал придонес во овој развој. Денес, Скопје претставува една модерна европска метропола“, изјави Мирчев.
Во рамки на свеченоста по повод Денот на ослободувањето на Скопје, во фоајето на МОБ, беше отворена и изложба на ликовните дела, што беа насликани на Меѓународната ликовна колонија „Скопје 2015“, а по доделувањето на наградите, во чест на добитниците и по повод празникот на Скопје, се одржа концерт на првенците на Македонската опера и балет./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

