Скопје
Започна изградбата на новиот водоводен систем во Шуто Оризари
Градежните работи за изградба на новиот систем за водоснабдување во општината Шуто Оризари започнаа во понедленикот во присуство на највиоските функционери на централната и локалната власт.
Премиерот Никола Груевски изјави дека ова е уште еден од големиот број инфраструктурни проекти кои се реализираат на територијата на општина Шуто Оризари, се со цел подобрување на квалитетот на живот на жителите на оваа општина.
„Минатата година во функција беше пуштено повеќенаменското спортско игралиште во Шуто Оризари, додека во тек е доизградбата на основните училишта „Браќа Рамиз – Хамид” и „26 Јули“ со што ќе се зголеми капацитетот и ќе се надминат проблемите со наставата, а во завршна фаза е и изградбата на новото средно училиште. Во рок од еден месец треба да започне и изградбата на новата спортска сала, а денеска започнуваме и со изградба на новиот систем за водоснабдување. Ние и во иднина ќе продолжиме да работиме во насока на подобрување на животот на граѓаните“, кажа Груевски.
Скопскиот градоначалникот Коце Трајановски потсети дека снабдувањето со вода со години претставуваше горлив проблем за повеќе од 30.000 жители на оваа општина.
„Со изградбата на овој нов систем за водоснабдување треба да се решат децениските проблеми со водоснабдувањето во населбите Шуто Оризари и дел од Скопје Север. Новопланираниот водоснабдителен систем ќе опфати изградба на резервоар од 4.350 кубни метри во близина на постојните резервоари на ЈП „Водовод и канализација“ на улицата Гвадалахара; пумпна станица кај поранешната фабрика на АД „ТИПО“ на булеварот Словенија и цевковод со должина од 2,3 километри и профил од 500 милиметри кој ќе води од пумпната станица, па по улиците Шуто Оризари, Виничка, Че Гевара, Плаковица и Бутелски венец. Пумпната станица ќе се поврзе на градската доводна линија Ф 1.600 од изворот Рашче,“ рече Трајановски.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 182.367.800 денари со вклучен ДДВ. Во финансирањето на овој проект Градот Скопје ќе учествува со 43,7 насто од средствата, односно со 79,7 милиони денари; ЈП „Водовод и канализација“, исто така, со 43,7 насто, односно 79,7 милиони денари, а Општина Шуто Оризари ќе учествува со 12,6 насто, односно со 22,9 милиони денари од потребните финансиски средства.
Градот Скопје финансиските средства ќе ги обезбеди по пат на долгорочен домашен под-заем во рамките на средствата обезбедени со Проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, додека ЈП „Водовод и канализација“ финансиските средства ќе ги обезбеди од сопствени извори.
На изградба на новиот водоснабдителен систем во Шуто Оризари ќе работат екипите на градежната компанија „Хидрострој ЈСЦ“ од Бугарија, а градежните работи се очекува да завршат наесен, 2016 година. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради уличен дефект на водоводна цевка Ф 80мм. на булеварот Илинден бб. во кругот на Ј.П.Парови и Зеленило Скопје, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на булеварот Илнден од крстоницата со улицата Франклин Рузвелт до крстосницата со булеварот 8ми-Септември, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00часот до завршување на работните активности.

