Скопје
Завршена реконструкцијата на повеќе улици во Козле
Општина Карпош ја реконструираше улицата „Леринска“ во населбата Козле, во должина од 960 метри.
Проектот за реконструкција на улиците, кој вреди два милиони евра, а кој вклучува подземни инсталации, нов коловоз, тротоари, фекална и атмосферска канализација, како и поставување на ново улично осветлување претставува олеснување при движењето за жителите од овој дел на општината.
Првиот човек на локалната самоуправа, Стевчо Јакимовски, за медиумите говореше за инфраструктурата која е во полн ек во општина Карпош.
„Со асфалтирање на улицата „Леринска“, која што е во должина од 960 метри, практично го завршуваме целиот овој блок во Козле, каде што целосно се реконструирани улици токму од овој дел. Изградена е атмосферска и фекална канализација, заменети се рабници и тротоари, заменето е уличното осветлување. Целата инвестиција е околу два милиони евра, а покриени се улицата „Брадфорска“, „Пијанец“, „Крчин“, „Копачка“, „Илија Плавев“, „Стрезово“, „Ловќенска“, краците од улица „Ловќенска“, „Ловќенска 9 и 4“, односно целиот потег на улици, лево од главната улица „Козле“. Со ова, на граѓаните на Козле им се намалуваат проблемите околу фекалната и атмосферската канализација, како и нов асфалтиран коловоз, каде што ќе можат безбедно да возат, со што претставува особено задоволство за овој дел од општина Карпош“, истакна Јакимовски. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Засилени контроли во Центар, 50 евра глоба за непрописно паркирање, порача Герасимовски
Комуналните инспектори и редари на општина Центар спроведуваат засилени контроли на возила кои се непрописно паркирани на јавни и зелени површини.
На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, со предвидена казна од 50 евра во денарска противвредност, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на општина Центар.
Сторителот на прекршокот е должен веднаш да го подигне прекршочниот платен налог во Општина Центар, Сектор за инспекциски работи, барака 6А. Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот.
По истекот на рокот следува целосна наплата, односно се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд, извести Општината.

„Редот се спроведува доследно и без исклучоци. Жителите на Центар го бараат тоа од нас. Безбедноста на пешаците и заштитата на јавните и зелените површини ни се приоритет“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат правилата и да придонесат за подобра урбана и животна средина.

