Скопје
Жерновски ги потпиша решенијата за забрана за објавување на ДУП-овите
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, во четврток го потпиша решението за запирање на објавувањето на одлуката за донесувања на урбанистички план Градска четврт – локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало курило и Цвеќара и ДУП-от Тасино Чешмиче 1.
Решенијата Жерновски ги достави до претседавачот на Советот на општината и од овој момент почнува да тече рокот од 15 дена за закажување на нова седница на Советот на која спорните ДУП-ови повторно се ставаат на дневен ред.
“Повторно го поздравувам ставот на министерот за локална самоуправа, кој кажа дека спорните ДУП-ови согласно Законот за локална самоуправа не се донесени. Овој став се совпаѓа со ставот на општината и со мојот став и се надевам дека Министерството и понатаму ќе продолжи така да реагира“, изјави Жерновски.
Поради разногласието во стручната јавност и различните толкувања на Законот за локална самоуправа, градоначалникот Жерновски ќе се обрати до Претседателот на Собранието и ќе побара автентично толкување на Законот за локална самоуправа.
Ова значи дека четири институции севкупно ќе го третираат предметот: Советот на општина Центар, Министерството за локална самоуправа, Уставниот Суд и Собранието на РМ.
Одговарајќи на новинарски прашања, градоначалникот Жерновски појасни дека не знае како ќе гласа претседавачот на Советот, Мирослав Шиповиќ, бидејќи по чинот на гласањето на седницата во петокот, не бил во контакт со него.
“ВМРО – ДПМНЕ се збунети, но не од мојот став, туку од ставот на министерот за локална самоуправа. Кога ВМРО – ДПМНЕ молчи, јасно им е што изгласале“, рече Жерновски.
Како што рече, согласно Уставот и законите, доколку Советот повторно ги изгласа ДУП-овите, тогаш градоначалникот ќе биде должен да ги потпише и да се обрати до Уставниот Суд.
Жерновски не е оптимист во можната одлука на Уставниот Суд, ниту дека ажурно ќе одлучат за случајот.
Тој најави дека ќе побара времено решение да не се применуваат овие ДУП-ови. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) По ерата на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија што добива сопствено модерно кино
Општина Кисела Вода вчера вечер официјално го отвори новото кино во Домот на културата во Драчево. Проектот, реализиран во партнерство со „Киноверзум“, претставува втора филмска сцена на територијата на оваа општина и вкупно петта во мрежата на оваа групација во Македонија.

Свеченото отворање се одржа пред преполна сала, во присуство на претставници на Владата, Собранието, како и голем број уметници и културни работници. Настанот го водеше актерот Рубенс Муратовски, а вечерта беше заокружена со проекција на меѓународно наградуваниот документарен филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат за „Оскар”.

– Ова е историски чекор, бидејќи по времето на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија кое добива свое модерно кино. Со овој чекор потврдуваме дека културата не смее да биде привилегија на центарот, туку право на секој граѓанин. Нашата визија е јасна- ја носиме уметноста таму каде што е домот на луѓето. Сакаме врвните филмски остварувања да бидат на само неколку чекори од вашиот праг-истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Таа додаде дека ова е второ заедничко кино со „Киноверзум“ и е доказ дека со јасна заедничка визија се постигнуваат видливи и трајни резултати.

Посебно признание на настанот им беше оддадено на гостите, режисерката Тамара Котевска и продуцентот Јорданчо Петковски. Нивниот филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат во трката за „Оскар“, кој е откупен од „National Geographic“ и добитник на бројни награди на реномирани светски филмски фестивали, беше симболично избран за првата проекција на новото филмско платно во Драчево. За жителите на Драчево ова имаше и емотивна вредност, со оглед на тоа што продуцентот Петковски потекнува токму од ова место.

– Ова е седма година од постоењето на „Киноверзум” и горди сме што вечерва го отвораме нашето петто кино. По Штип, Велес, Свети Николе и првото кино во Кисела Вода, сега и Драчево добива филмска сцена со најсовремени технички услови. Опремено со ласерски кино-проектор и врвен систем за звук, на посетителите им ги нудиме најактуелните светски филмски хитови по најпристапни цени. Веќе од утре, на редовниот репертоар во Драчево се филмовите „Свадба” и „Оркански височини“, изјави Михаела Ѓорчева, основач на „Киноверзум“.

Овој проект е вистински пример за континуитет во спроведувањето на добрите идеи и плодна соработка, со оглед на тоа што иницијативата за негово отворање започна уште во мандатот на претходникот на Стаменкоска Трајкоска, сегашниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Со оваа реализација, Општина Кисела Вода ја потврдува својата посветеност на културната инфраструктура, правејќи ги Драчево и Кисела Вода нови културни епицентри достапни за сите жители.






Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.

