Скопје
Зголемен бројот на термини за бесплатен терен во Аеродром
Општина Аеродром во средата соопшти дека го зголемува бројот на термини за бесплатен тенис. Наредниoт месец, почнувајќи од понеделник (11-ти август) наместо само за време на викендите, како што беше до сега, бесплатни термини ќе има секој ден.
За граѓаните се обезбедени секоја сабота и недела по три бесплатни термини за тенис и тоа од 08:00, од 19:00 и од 20:00, додека од понеделник до петок ќе има по пет бесплатни термини и тоа од 09:00, од 10:00, од 11:00, од 17:00 и од 20:00 часот.
Еден термин, кој трае по еден час, ќе можат да го користат двајца или четворица за „дабл“ игра.
Граѓаните кои ги користат тениските игралишта со себе треба да носат соодветни обувки за да не се уништува теренот, тениски рекети, како и документ за лична идентификација, од кој се гледа дека се жители на Општина Аеродром.
Инаку, граѓаните кои се заинтересирани за користење бесплатни термини на тениските игралишта можат да се пријават на општинската електронска пошта: [email protected] и да остават податоци за име, презиме и телефон за контакт, името и презимето на лицето, односно лицата, со кои ќе го користат терминот, како и терминот за кој се заинтересирани.
Граѓаните се избираат по принципот – кој прв ќе закаже термин за бесплатно користење на тениското игралиште и тоа од понеделник од 08:30 часот до петок до 10:00 часот за претстојната недела, почнувајќи од викендот, по што на општинската интернет страница www.aerodrom.gov.mk секој петок во 10:00 часот се објавува неделна листа на корисници.
Истиот принцип на пријавување важи за секоја наредна недела. Доколку има повеќе пријавени граѓани од капацитетот на игралиштата, предност ќе имаат граѓаните кои не ги користеле терените претходната недела. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради уличен дефект на водоводна цевка Ф 80мм. на булеварот Илинден бб. во кругот на Ј.П.Парови и Зеленило Скопје, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на булеварот Илнден од крстоницата со улицата Франклин Рузвелт до крстосницата со булеварот 8ми-Септември, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00часот до завршување на работните активности.

