Скопје
Герасимовски: Граѓанскиот буџет за 2025 достапен онлајн, со еден клик до транспарентна и активна улога на граѓаните
Општина Центар информира дека на официјалната веб-страница е објавен Граѓанскиот буџет за 2025 година. Овој документ, подготвен во едноставен и разбирлив формат, обезбедува увид во приходите, расходите и планираните капитални инвестиции на општината, претставувајќи ги приоритетите и стратешките определби на локалната самоуправа.
„Граѓаните преку оваа апликација можат да имаат увид во тоа како се креира буџетот, како се трошат нивните пари и кои се планираните проекти и активности во општината. Граѓанскиот буџет е наменет исклучиво за јавноста и има цел да ја зголеми транспарентноста и отчетноста за тоа како се управува со буџетските средства. Неговата достапност овозможува поактивно учество на граѓаните во креирањето и спроведувањето на локалните политики“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Дополнително, на веб-страницата на Општина Центар е достапна алатката „Мој буџет“. Дел од процесот се и Буџетските форуми, кои Општина Центар ги организира секоја година, овозможувајќи им на жителите на локалната самоуправа со свои предлози активно да влијаат врз креирање на буџетот.
Покрај ова, со цел да обезбеди активна и директна комуникација, во општината редовно се организираат отворени денови со граѓаните каде што тие имаат можност да ги споделат своите забелешки и идеи со надлежните служби.
Истовремено, можат да остварат средби и со градоначалникот за да се информираат за актуелни проекти, поставуваат прашања, учествуваат во дискусии и даваат предлози за важни локални прашања.
За пристап до Граѓанскиот буџет за 2025 година, посетете ја веб-страницата на Општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Исчистен сметот во населбата Пролет, создаваме поубав и поуреден Центар
Општина Центар, денеска ги исчисти јавните површини во населбата Пролет како важен чекор за создавање на почисто и поубаво опкружување за сите центарци.
Герасимовски, потенцираше дека во акцијата за чистење активирана е целата механизација на општината со вредните хигиеничари кои секој ден работат во две смени.
„Во текот на денешниот ден, го подигнавме сметот и ги исчистивме улиците во населбата Пролет. Решавањето на комунални проблеми се еден од нашите приоритети за работа. Центар мора да биде пример за чистота, не смееме да дозволиме жителите секое утро кога одат на работа и училиште да гледаат контејнери преполни со неисчистен смет. Апелирам до граѓаните да пријавуваат смет и диви депонии, брзо реагираме и ги решаваме проблемите. Продолжуваме со акцијата во сите населби во Центар, создаваме поубава и поуредна општина за сите нас“, вели Герасимовски.
Скопје
Герасимовски: Исчистен сметот во населбите Крњево и Капиштец, службите работат во две смени
Градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски, информира дека општинските служби денеска со механизација го исчистија сметот во населбата Крњево и улиците „Шарски одреди“ и „Бел Камен“ во Капиштец, како дел од големата акција за чистење на општината.
„Продолжуваме со подобрување на хигиената во Центар, утрово нашите служби го исчистија сметот во населбата Крњево и на улиците „Шарски одреди“ и „Бел Камен“ во Капиштец. Се грижиме за чисто, уредно и здраво опкружување за центарци, ги уредуваме јавните површини и ја подигнуваме хигиената на повисоко ниво. Ги повикувам сите граѓани да пријават смет и дива депонија, вработените на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ веднаш ќе постапат“, вели Герасимовски.
Големата акција за чистење „Центар не чека, Центар чисти“ започна минатата недела, откако Град Скопје ги остави центарските улици во смет, велат од општина Центар.
Скопје
Генерално чистење во општина Кисела Вода
Општина Кисела Вода денес започна со акција за генерално чистење на јавните површини, улиците и парковите на своја територија, со цел да обезбеди почиста и поздрав животен амбиент за граѓаните. Активностите започнаа од населбата Цветан Димов и во наредниот период ќе бидат опфатени сите 15 населби и населени места во општината, извести општината.
Ангажираните екипи темелно ги чистат улиците, тротоарите и јавните површини. Се мете и рачно, но и со новите метларки кои неодамна беа набавени како одговор на барањата на граѓаните за почиста животна средина. Се перат плочниците во парковите, се кастрат суви гранки и се отстранува насобраниот комунален отпад. За жал, се санира и несоодветно оставениот шут и кабаст отпад, кој не смеел да заврши на јавните простори. Во овој контекст Општина Кисела Вода најавува дека за околу две седмици ќе организира нова акција за бесплатно подигнување на кабаст отпад, кој потоа ќе биде соодветно складиран на депонија. За оваа активност граѓаните ќе бидат дополнително известени, велат од општина Кисела Вода.
-Обезбедувањето на чиста и здрава средина за граѓаните е наш врвен приоритет. Денес започнавме со темелно чистење на улиците, парковите и јавните површини, а овој процес ќе се спроведува низ целата општина во наредниот период. Со новонабавените метларки и со ангажманот на нашите сезонските работници, Кисела Вода станува почисто и поуредено место за живеење. Истовремено, апелираме до граѓаните да покажат поголема свест и одговорност во одржувањето на хигиената во нашите населби. За оние кои имаат потреба од отстранување на кабаст отпад, општината во наредните две недели ќе организира специјална акција за негово бесплатно подигнување. Остануваме посветени на создавање на уредна и еколошки одржлива општина- изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
По денешната акција во населба Цветан Димов, утре активностите продолжуваат во населба Драчево, во четврток во Расадник и 11 Октомври Згради, а следната недела акцијата ќе продолжи и во сите останати месни и урбани заедници согласно веќе изготвениот динамички план, се додава во соопштението на општината.