Скопје
ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје реализира активности за расчистување на снегот во сите скопски општини
Вчера, ЈП Комунална хигиена-Скопје со максимална ангажираност на сите расположливи работници во три смени спроведуваше активности за рачно и машинско чистење на снегот и мразот на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците и одвивање на сообраќајот.
„Активности за расчистување на снегот и мразот беа реализирани и во централното градско подрачје, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, како и Старата чаршија. Екипите на Претпријатието го расчистуваа и реонот околу Градската болница, Државната болница, Владата и Собранието на РМ, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“, и „Слобода“, како и сите пешачки мостови. ЈП Комунална хигиена-Скопје ќе продолжи со активностите за расчистување на снегот и мразот и во текот на денешниот ден и претстојната ноќ“, соопштија од ЈП Комунална хигиена-Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Хуманитарни пакети за социјално загрозените лица во општина Ѓорче Петров
Денес, на денот на Свети Василиј Велики – симболот на дарежливоста и хуманоста, Општина Ѓорче Петров, заедно со градоначалникот Александар Стојкоски, спроведе акција за доделување хуманитарни пакети на социјално загрозените лица и семејства, извести општината.
Акцијата беше реализирана во соработка со општествено одговорна компанија, со цел да се пружи поддршка на оние на кои им е најпотребна во овие празнични денови. Пакетите вклучуваа основни прехранбени и хигиенски производи, додека за најмалите беа подготвени посебни изненадувачки пакетчиња, кои донесоа радост, насмевки и топлина во домовите на нашите сограѓани, велат од општина Ѓорче Петров.
„Свети Василиј Велики целиот свој живот го посветил на помагање на најслабите, а неговото дело нè инспирира и денес. Со оваа акција сакаме да потсетиме дека секое семејство заслужува достоинствени празници и полна трпеза,“ изјави градоначалникот Александар Стојкоски.
„Оваа иницијатива е уште еден доказ за посветеноста на Општина Ѓорче Петров да создава заедница заснована на хуманост, солидарност и грижа за најзагрозените категории граѓани“, додаваат од општината
Скопје
„Комунална хигиена“ – Скопје продолжува со активностите за расчистување на снегот во сите скопски општини
И во текот на вчерашното деноноќие, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје во три смени реализираа активности за рачно и машинско чистење на снегот и мразот на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, како и во пешачките зони во централното градско подрачје, велат од Комунална хигиена-Скопје.
Воедно, во скопската општина Чаир беа спроведени и вонредни активности за отстранување неколку диви депонии лоцирани на улиците Џон Кенеди – до ООУ „Васил Главинов“, Славеј Планина – во непосредна близина на скопското Теќе и булеварот Крсте Мисирков – зад т.ц. Мавровка.
Во рамките на овие активности беа подигнати и транспортирани вкупно 50 кубни метри непрописно одложен отпад, соопшти Комунална хигиена-Скопје.
Скопје
Герасимовски: Екипите на Центар на терен, се фрла сол и се расчистуваат улиците, тротоарите и пешачките патеки
Синоќа на терен беа ангажирани четири големи возила и две мали, при што интензивно се посипуваше со сол и се работеше на расчистување на улиците во населбите: Мало Курило, Водно, Дебар Маало, Маџир Маало, Кале, Капиштец и Крњево.
Утринава се чистат тротоарите и приодите до јавните установи, како што се амбуланти, здравствени и пензионерски домови, детски градинки, со цел да се обезбеди безбедно движење за сите граѓани.
„Апелирам до жителите, како и до сопствениците на малите бизниси и ресторани, да го одржуваат чистотата пред своите објекти. Особено е важно приодите да бидат ослободени од снег и мраз, за да се овозможи безбедно движење за сите. Нашите тимови постојано ја следат состојбата и вложуваат максимални напори за одржување на улиците проодни. Заедно можеме да создадеме побезбедни улици за сите”, истакна градоначалникот Горан Герасимовски.
Досега се расчистени главните сообраќајници, собирните улици и сервисните патишта во станбените зони, за да се овозможи непречено реализирање на секојдневните обврски на граѓаните.