Македонија
Сончево и топло, претпладне со слаба магла во некои од котлините

Сончево и топло, претпладне со слаба магла во некои од котлините. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Максималната температура ќе се движи од 9 до 17 степени.
До вторник ќе се задржи стабилно, суво и релативно топло време за овој период од годината, претпладне со појава на магла по одделни котлини.
Од среда ќе настапи значителна промена на времето, проследена со североисточен ветер и нагло заладување, а кон крајот на денот ќе има и зголемување на облачноста со локални слаби врнежи од дожд, а на повисоките места од снег./крај/ухмр
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити најави зајакнат мониторинг на загадувањето со нова опрема и технологии

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, при посетата на Централната лабораторија на Министерството, истакна дека ќе се спроведува зајакнат мониторинг на загадувањето на воздухот со нова опрема и технологии.
Лабораторијата е опремена со напреден инструмент ICP-MS во вредност од 160.000 евра, финансиран од УНОПС, кој ќе овозможи прецизна анализа на тешки метали во почва, вода и воздух. Исто така, успешно е завршен процесот на реакредитација, при што лабораторијата доби нова четиригодишна акредитација, која опфаќа 20 аналитички методи, вклучително и мерење на бучава во животната средина и анализа на отпадни води.
„Во рамки на проектот ‘ЕУ за чист воздух’, лабораторијата е опремена со напреден уред ICP-MS во вредност од 160.000 евра, финансиран од УНОПС, кој овозможува прецизна анализа на тешки метали во почва, вода и воздух“, нагласи Меџити.
Тој исто така информираше дека инсталацијата на опремата и обуката на персоналот ќе се реализираат во текот на месец септември, оценувајќи го овој чекор како значаен напредок кон зголемување на техничките капацитети и подобрување на квалитетот на еколошките податоци.
Меџити додаде дека во наредниот период, Лабораторијата ќе добие акредитација за нови методи, со што дополнително ќе се зајакнат нејзините капацитети.
Централната лабораторија на Министерството за животна средина и просторно планирање е клучна институција во системот за заштита и управување со животната средина во земјава и служи како техничко и научно тело за исполнување на законските и стратешките задачи за мониторинг на загадувањето и заштита на еколошките компоненти.
Македонија
Мобилните царински тимови со 199 случаи на заплени во 2025 – трикратно зголемен број на откриени прекршочни и кривични дела

Трикратно е зголемен бројот на заплени од мобилните царински тимови, при Одделението за оперативни работи на Секторот за контрола и истраги, во првите седум месеци од годинава. Вкупно од први јануари заклучно со 31 јули, спроведени се над пет илјади контроли, при што откриени се 199 прекршочни и кривични дела, извести Царинската управа.
Во овој период мобилните царински тимови запленија околу 100 илјади евра девизи, 455 штеки цигари, a откриени се и 27 случаи на повреда на право од интелектуална сопственост, при што запленети се над 26 илјади парчиња стока со потпис на заштитени трговски марки. Во борбата со сериозен криминал, меѓу најзначајните случаи е заплената на 188,6 килограми марихуана – заедничка акција со царинските службеници на граничен премин Богородица. Воедно, на влез во државата мобилните царински тимови спречиja обиди за криумчарење на 21 илегален мигрант.
Само во текот на изминатите денови, при контроли на стока пријавена за увозно царинење во царинска испостава Скопје 4 запленети се над 600 парчиња облека која не била пријавена со царинските документи. Воедно, при контроли на граничен премин Богородица, запленети се 27 штеки цигари без акцизни маркички, скриени во резервна гума на автомобил. Претходно, мобилен царински тим спречи обид за криумчарење 14 семки од канабис и 0,5 грама масло од канабис, како и обид за криумчарење на златен накит вреден 1,3 милиони денари, се наведува во соопштението на Царинската управа.
Од таму истакнуваат дека мобилните тимови остануваат еден од клучните механизми за заштита на финансиските интереси и безбедноста на државата.
Македонија
Герасимовски: Концерт на Јанг Дади на 27 август во Паркот на франкофонијата, ги поканувам сите скопјани на добра музика

На 27 август, Центар ќе пулсира во ритамот на добрата музика. Општина Центар, во рамки на проектот „На одмор сум, во Центар сум“, организира концерт на еден од најактуелните македонски изведувачи Јанг Дади што ќе се одржи во Паркот на франкофонијата, со почеток од 19:00 часот.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги поканува сите центарци и скопјани коишто се останати во градот да дојдат и да уживаат во вечер исполнета со позитивна енергија, музика и забава под отворено небо.
„Ги поканувам сите скопјани, млади, семејства, пријатели и сите љубители на музиката да дојдат во Паркот на Франкофонијата и заеднички да уживаме во песните на Јанг Дади. Исто така, Стела и Сани ќе ги забавуваат најмладите, ајде сите заедно да уживаме во вечер исполнета со енергија, смеа и добар ритам. Културата е најубавиот начин да го зближиме градот и затоа ве поканувам да бидеме дел од оваа летна приказна. Ве чекам во среда, на 27 август на музика што поврзува“, вели Герасимовски.