Македонија
Спасовски: Ги почитувам мислењата на ДКСК

Сите овие решенија за распоредување работници на конкретни работни места во Министерството за внатрешни работи се донесени пред денот на донесување на Одлуката за распишување на избори за избор на пратеници во Собранието, појасни во четврток министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, откако Државната комисија за спречување на корупцијата, порано денеска донесе одлука обвинителството да покрене постапка против министерот.
„Единствените решенија за распоредување на вработени во МВР што ги имам донесено како министер за внатрешни работи се согласно член 44 став 4 и 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија кои предвидуваат дека министерот може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања на пониско или повисоко место на носител на раководна позиција во Министерството и хоризонтални распоредувања, на вработени кои се на негов предлог во бројката до 10% од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес-конференција.
Додаде дека заради нормално функционирање на Министерството за внатрешни работи и поради недостаток на работници во одредени организациски единици во МВР, по денот на донесување Одлука за распишување на избори за избор на пратеници во Собранието се донесени Наредби со кои определени работници се задолжуваат да извршуваат работи и задачи од конкретни работни места каде се појавува недостаток од полициски кадар, за ограничен временски период од 30 дена.
„Наредбите не претставуваат Решенија за распоредување и тоа е исклучиво законско право на Министерот за внатрешни работи регулирано со член 153 и 154 од Законот за внатрешни работи. Вакви наредби потпишувам секојдневно на предлог од директорот на БЈБ и за нив нема никаква реакција. Министерството за внатрешни работи е еден од најголемите и најчувствителните државни органи со над 12.000 вработени и можете да замислите што ќе се случи доколку престанам да потпишувам акти со кои ќе се сопре тековното функционирање на органот“, рече министерот Спасовски.
Рече дека го почитува мислењето на Државната комисија за спречување на корупција бр. 42-6980/2 од 09.09.2016 година и Мислењето бр. 12-4119/25 од 16.11.2016 година доставено до Министерството за внатрешни работи каде јасно е наведено дека од денот на донесување на Одлука за распишување на избори до завршување на изборот на пратеници во Собранието и изборот на Владата постои законска пречка да се врши распоредување и унапредување на лица вработени во органите на државната управа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, јавните установи, независни регулаторни тела основани од државата, трговските друштва основани од државата и други институции основани од државата и други државни органи.
„Овие документи од Државната комисија доследно се почитувани од МВР и по денот на донесување на Одлука за распишување на избори не е донесено ниту едно Решение за распоредување“, додаде тој./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Не сакам да бидам маша во сценарио за изборен пораз – Костадинов нема да се кандидира како независен за Струмица

Актуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов нема да се кандидира како независен кандидат за Струмица. Ова тој го објави и на социјалните мрежи.
Некогаш, за да си ги видиш луѓето околу себе, не треба повеќе од една реченица. Толку е доволно да го прочиташ пулсот. Да видиш кој што мисли, кој мисли како тебе, кој не мисли воопшто.
Да видиш која е вистинската состојба на партијата – има ли таму уште искрени луѓе или само спакувани кариери со фолија за замрзнување.
Кога споменав можност за независна кандидатура, без воопшто да одлучам, мислев дека ќе треба барем две недели за да се охрабрат и најголемите глумци да го покажат лицето.
Не. Не им требаа две недели. Им требаа помалку од 24 часа“, вели тој.
Секоја чест на исклучоците, додава Костадинов.
„На вистинските другари, чесните, лојалните, тие што навистина сакаат СДСМ да си го врати достоинството. А раководството? Раководството си донесе одлука и покрај мое убедливо водство на сите анкети. Но, во обид да го убијат разумот, почнаа да пуштаат анкети на фејсбук, со лајкови по групи, затоа што веќе не веруваат ни во анкетите што самите ги платиле.
Епа, жално.
Со такво раководство, многу е и една општина да се победи. Не, јас не одам како кандидат.
Јас се повлекувам во тишина, за да создадам нова визија за СДСМ – партија со авторитет, со план, со луѓе кои разбираат стратегија и знаат дека партијата е жив организам, а не штаб за оговарање.
И да не се лажеме не сум политички наивен.
Не сакам да бидам маша во сценарио за изборен пораз.
Брзо го загризаа тој наратив, но уште побрзо ќе го голтнат поразот.
Мојата стратегија ќе биде јасна – и ќе биде поделена во два дела:
Првиот – во септември. Вториот – по завршување на локалните избори.
До тогаш, правете си анкети по Фејсбук групи.
Дури и тоа нека помогне да се победи барем во една општина.
Јас ќе останам член со замрзнат статус – додека не ги видам резултатите.
После – ќе биде друга песна.
На првиот тест – паднавте.
Во октомври – играјте повнимателно.
Народот не е повеќе глупав.
Политиката е игра на мудрите, изгледа и мудрост и фали на партијата.
Со почит,
Костадин Костадинов
Политичар кој нема изгубено избори и знае кога е време да се повлече еден чекор, за да се врати достоинството на СДСМ“, порачува во напишаното Костадинов.
Македонија
Наместо политика за развој на културата, Љутков води партиска пропаганда, велат од СДСМ

Според СДСМ, денешната прес-конференција на министерот за култура Зоран Љутков е уште еден обид да се замаскира годишното фијаско на ВМРО-ДПМНЕ во културата. Наместо отчет, јавноста доби низа лаги, манипулации и самопофалби без основа.
„Нема „успешна година“ кога институциите немаат средства, проектите стојат, а вработените во Министерството за култура се сегрегирани по партиска припадност и без законски исплатената плата согласно со колективните договори.
Министерот премолчи и дека не се почитува Колективниот договор и се манипулира со културните работници, кои се под постојана закана и притисок.
Љутков не кажа ништо за запирањето на сите активности во заштитата на културното наследство, за нефункционалните конкурси, за партиските поставувања и за скандалите во кабинетот – кои не се „успех“, туку пораз на институцијата“, велат од СДСМ.
Додаваат дека на денешниот прес министерот за култура Љутков ја излажал јавноста дека за првпат по 8 години е распишан конкурс за креативни индустрии.
„СДСМ го потсетува Љутков дека во 2024 година беше распишан и спроведен Конкурс за креативни индустрии, кој ги содржеше во винстинска смисла на зборот креативните индустрии, а не како годинешниот конкурс на Љутков скроен по мерка за лукративни и корумптивни проекти што би требало на ВМРО-ДПМНЕ да му донесат повеќе гласови на претстојните локални избори.
Наместо културна дипломатија – само патувања без ефект и без отчет. Еве сега прашуваме што конкретно донесе за културата неговото последно патување во Америка и во крајна линија за туризмот? Наместо инвестиции – кратења од буџетот. Наместо визија – политичка пропаганда“.
Остро реагираат како што велат на обидите да се прикаже неработата како резултат.
Македонија
Онлајн закажување термин за сликање за лични документи и за македонската дијаспора, соопшти МВР

Министерството за внатрешни работи овозможи онлајн закажување термин за сликање за лични документи во државата и за македонската дијаспора, односно сите оние кои не поседуваат македонски телефонски број преку можност да извршат резервација преку електронската пошта, https://termin.mvr.gov.mk/Call_Request.
Од моментот на воведување на електронското закажување преку Веб страницата на МВР во текот на 2024 имало во просек по 7000 закажани термини месечно, а во текот на 2025 има над 4000 термини месечно или во просек речиси по 200 закажани термини на ден преку овој сервис.
МВР информира дека закажувањето термин преку редовните телефонски линии функционира беспрекорно и термин за редовна постапка се добива за еден ден.