Македонија
Спасовски повикан да поднесе оставка од функцијата министер или од генерален секретар на СДСМ
Пратеникот од редовите на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, го повика во понеделникот актуелниот технички министер за внатрешни работи од редовите на СДСМ, Оливер Спасовски, да поднесе оставка на функцијата министер за внатрешни или на функцијата генерален секретар на СДСМ, на денешната седница за пратенички прашања.
Имено, како што појасни Николовски во своето образложение на прашањето до министерот, во Статутот на СДСМ стои дека функцијата генерален секретар е неспоива со која и да е функција во извршната власт.Пред воопшто министерот да одговори на ова прашање, неговиот сопартиец Горан Сугарески, процедурално му забележа на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, зошто не реагирал, како претходно во случајот кога премиерот Никола Груевски бил прашан како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, дека тој тука е во улога на премиер, и сега да изреагира дека Спасовски во Собранието е во улога на министер, а не на генерален секретар на партија.Вељаноски, по укажаното, пред да биде одговарано прашањето, го потсети Спасовски дека ако не сака не мора да одговара на ова прашање.Но сепак Спасовски реши да одговори, велејќи дека да се одвои државата од партијата било барање на Европската комисија преку Извештајот, и оти тоа треба да се направи.„Но, знаете кога има мешање на државата и паритјата, тогаш кога вашиот генерален секретар Емил Димитриев има лично обезбедување од МВР(О), тој и уште неколкумина други, на кои во наредниот период ќе им биде одземено. Мешање има и кога имате една сала за централниот одбор на Центар во МВР, а друга за прием на странците“, рече Спасовски, додвајќи дека дали ќе поднесе оставка на некоја од функциите ќе му одговорел на Николовски тогаш кога тој ќе бил дел од Централниот одбор на СДСМ. Првото прашање до министерот за внатрешни од Николовски, се однесуваше на истрагата за фалсификуваните лични карти, кои биле издавани на граѓани, и кога министерот очекува да има конкретни информации од истрагата. „Истрагата ја води Обвинителството а не МВР, имаше 105 лични карти. Во првичното вештачења се утврди дека направените лични карти се фалсификувани, а на 90 луѓе им е украден идентиетот. Се работи за лични карти издавани во Куманово, Скопје, Кичево, Штип, Гостивар… Се вршат проверки во ДИК којшто го има Избирачкиот список, дали биле употребувани за гласање“, рече Спасовски.Тој очекува истрагата да даде одговор на прашањето дали има некој во Македонија, којшто фалсификува лични карти или други документи. „Имаше најава од поранешниот министер дека тоа може за пет дена да се заврши. Кога ќе имам информации кој го направил и зошто ќе биде информирана македонската јавност“, рече Спасовски и појасни дека истрагата не почнала по пријавата дека има фалсификувани лични карти, туку по прислушуваните разговори објавени во „Вистината за Македонија“, каде во неколку од разговорите се вели дека се издаваат лични карти за некои цели./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

