Македонија
Специјалното обвинителство утврдува кој предмет има приоритет

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, односно Специјалното обвинителство ги анализира податоците што му ги достави Јавното обвинителство и утврдува кој од предметите има приоритет за веднаш да се преземе.
Во денешното соопштение што го испрати Специјалното обвинителство до јавноста најавува детали за преземањето на предметите за во четврток. Јавното обвинителство и предаде на Специјалната обвинителка 35 предмети кои произлегуваат од прислушуваните разговори коишто ги објави опозицијата против високи функционери на власта.За секоја бомба, обвинителството отворило предмет и податоците за предметите коишто ги побара специјалната обвинителка, Катица Јанева и се предадени.Јанева работи со 12 помошници обвинители кои веднаш по изборот биле на обуки во периодот од 09.11.2015 година до 20.11.2015 година. Во денешното соопштение Јанева ја информира јавноста што сработиле за периодот од кога што е формирано новото обвинителство.Обвинителството во соработка со Министерството за правда изготвило Предлог Закон за јавно обвинителска служба, кој е неопходен за екипирање на обвинителството со стручен, истражен и административен кадар.„Предлог Законот е изготвен врз основа на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со целосно искористување на компаративните искуства за организираност на вакво обвинителство. Предлог Законот е доставен до Владата на Република Македонија, а како предлагач се јавува Министерството за правда. Очекуваме Предлог Законот да биде ставен на дневен ред на првата седница на Владата на Република Македонија, по што во итна постапка ќе биде ставен на дневен ред и во Собранието на Република Македонија и ќе се пристапи кон негова целосна имплементација“, соопштуваат од Специјалното обвинителство. За време на обуките Јанева со својот тим донеле оперативен план за делување на ова Јавно обвинителство и ги изготвиле сите административни акти неопходни за непречена работа. „Организиравме и активности поврзани со средување на просторот каде обвинителството ќе биде сместено. Со оглед дека активностите околу средување на просторот бараат одреден временски период, а имајќи ја предвид итноста од наше предметно постапување, закупивме простор во кој привремено ќе бидеме сместени. Сепак, официјалните постории на ова Јавно обвинителство остануваат во Министерството за правда и во оваа насока Ве известуваме дека седиштето на Министерството за правда (ул.Димитрие Чуповски бр.9, Скопје) е адреса за кореспонденција со ова Јавно обвинителство, додека електронска пошта на обвинителството е: [email protected] Во овој контекст со цел доследното почитување на начелото на транспарентност и покажувајќи почит кон интересот на јавноста, оформена е и фејсбук страница, каде редовно ќе бидат објавувани нашите соопштенија и ставови околу одредени актуелни прашања“ , соопштуваат од Обвинителството.Линк до фејсбук страницата: https://www.facebook.com/Специјално-јавно-обвинителство-650104671759753/timeline?ref=page_internal’Медиумите објавија дека тимот на Јанева работи во хотел во Скопје додека бидат готови новите простории./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Здруженијата на новинари на Македонија и Косово со заедничка иницијатива за соработка

Претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Здружението на новинари на Косово (АГК) одржаа работен состанок на кој се разговараше за состојбата на новинарите како и медиумите во двете земји.
Драган Секуловски, извршниот директор на ЗНМ пред дваесетина колешки и колеги од разни медиуми од Косово ги претстави тековните проекти и залагања на ЗНМ во насока на подобрување на солидарноста на фелата но и заштита на правата на новинарите во Македонија кога тие се под закана. Една од формите на подобрување на соработката помеѓу новинарите но и унапредување на нивните знаења е преку активностите на тематските секции на ЗНМ во Скопје но и во другите градови, истакна Секуловски.
Џемаил Реџа, претседател на одборот на Здружението на новинари на Косово, говореше за состојбата со правата на новинарите но и предизвиците кои ги имаат медиумите во нивниот локален контекст. Тој истакна дека ваквите колаборативни посети во соседните земји и размена на искуства и знаења позитивно влијаат на комуникацијата и идната соработка помеѓу новинарите во целиот регион.
На оваа работна средба беше разговарано за можноста да се организираат слични студиски посети на новинарите во земјите од Западен Балкан на теми кои ќе бидат од интерес на новинарите но посебно во насока на заедничко унапредување на професионалните стандарди споделување на информации за успешни примери од работата на новинарите и медиумите. Присутните дебатираа за предизвиците со дезинформациите во регионот, безбедноста на новинарите и за модели за финансирање на медиуми.
Оваа посета на колегите од Косово е дел од активностите на АГК во соработка со Академијата за информативен интегритет на новинарите и предвидува посета на група на млади новинари на неколку медиумски организации, но и медиуми во Скопје.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара од власта да ја поддржи интерпелацијата што ќе ја поднесат за Талат Џафери

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија ќе поднесе интерпелација за претседателот на Собранието на Македонија заради недоличното однесување, сите прекршувања на Деловникот за работа на Собранието, прекршување на Уставот на Македонија, како и за навредите на Џафери кон вработените во Собранието, истакнуваат од партијата.
Оттука ги повикаа сите пратеници во Собранието да ја поддржат интерпелацијата за Талат Џафери.
„Ковачевски треба да излезе од скутот на ДУИ и пратениците на СДСМ да ја поддржат интерпелацијата на Талат Џафери. Автократот Џафери покаже дека не е достоен да биде претседател на Собранието заради неговиот примитивизам, кршење на Деловникот и Уставот и недемократско однесување.
Џафери вулгарно ги навредуваше вработените во Собранието. Џафери контактирал со Чеченски политичар кој е безбедносен ризик за државата заради блискоста со Кремљ. Џафери ги заклучуваше пратениците во Собранието.
Што уште треба да направи Џафери за Ковачевски да се охрабри и како лидер на СДСМ да побара негова оставка?
Постои основан сомнеж дека и Ковачевски и ДУИ намерно провоцираат сценарио во Собранието кое треба да биде дефокус од реалните проблеми, неспособноста и криминалот на власта.
Оставката на Џафери е основан и логичен чин после целото негово поведение и очекуваме СДСМ на Ковачевски да има барем грам доблест“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Мицкоски да одговори каде завршиле украдените пари од „Криминални парцели“

„Последните информации кои излегоа во јавноста покажуваат дека обвинетите и осомничени во аферата „Криминални парцели“ со која се проневерени 1,6 милиони евра се донатори на ВМРО-ДПМНЕ и на кампањата на Данела Арсовска.
Орце Тодоровски, Дарко Тодоровски, Влатко Илиевски, Мирослав Митрески се на листите на донатори на ВМРО-ДПМНЕ, а Орце Тодоровски и на листата на донатори на Данела Арсовска.
Мицкоски да не бега туку да одговори каде завршиле украдените пари од „Криминални парцели“?
Дали Мицкоски ја искористил познатата шема на неговиот ментор и преку својот телохранител ги прикрил трагите за испумпување на пари од ЕВН, како што Никола Груевски правеше со плацовите на Водно?
Мицкоски мора да даде одговори на овие прашања пред јавноста“.
Соопштение на СДСМ