Македонија
Судските службеници на штрајк, се жалат на ниски плати и партиски вработувања
Судските службеници од сите судови во Македонија во четврток излегоа на двочасовен штрајк и ја прекинаа својата работа од 10.30 до 12.30 часот и побараа измени на Законот за судска служба.
Дел од штрајкувачите се жалат и на многу ниските плати и вработувањата со партиска книшка.„Има партизираност во судството, тоа е, за жал, најголемата болка што постои и се надевам дека ќе дојдат подобри времиња. Тоа е најголемата трагедија, не се гледа квалитетот туку партиските книшки, административецот што си ја извршува професионално работата не е третиран како што треба“, изјави еден од вработените во Основен суд Скопје 2, кој не сакаше да се претстави.„Примањата се многу ниски, има службеници кои земаат од 12 до 14.000 денари, а за казнување први се. Имаме по осум часа ефективна работа. Од 1996 година судството не постои. Не е ништо регулирано. Еве, во архивата немаме сталажи за архива, сами ги правиме. Да се регулира судската служба посебно, не е обична јавна администрација“, порача Екрем Шабан, вработен во основен суд Скопје.„Мора да се изменат рестриктивните и демотивирачките одредби кои се содржани во законот за судска служба, додека не се направи, тоа ќе преземеме и вакви и други мерки кои ни ги предвидува законот“, изјави Трпе Дејаноски, генерален секретар на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) .Според Синдикатот, Законот е неповолен за вработените, предвидени се големи казни, бил донесен нетранспарентно, за многу кратко време.„Оценувањето е голем проблем, бидејќи според овој закон, 5 отсто од сите судски службеници мора да бидат казнети, а 5 отсто може да бидат наградени. Во тие 5 отсто што ќе бидат казнети – во рок од една година ќе бидат казнети со 10 отсто од платата. Исто така, само со една негативна оцена судскиот службеник може да го изгуби работното место. Со две последователни добиени оценки 2, повторно го губи работното место“, предупредија во средата од Синдикатот.Вработените излегоа пред Основниот суд Скопје 2, но ним не им се придружија колегите од најголемиот суд во Македонија, Кривичниот суд. Имаше неколку вработени од овој суд, но поголемиот дел не беа дел од штрајкот.Од синдикалната организација од Основниот суд Скопје 1, која е дел од Синдикатот на администрацијата и државна управа велат дека и тие се против тој член од Законот за судска служба, но ниту биле консултирање, ниту прашани за мислење. Според претставникот на оваа синдикална организација Драган Јосевски, има сомнеж дека овој штрајк има друга заднина, односно лидерот на УПОЗ, Пеце Груевски да си обезбеди уште еден мандат. Смета дека со ваков штрајк нема ништо да се постигне и ги повикува Владата и Судскиот совет да седнат со синдикатите и да се промени Законот за судска служба./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.
Македонија
Советник на Мицкоски за нов уставен судија – толку од независноста на судството, велат од СДСМ
Гоце Наумовски, кој е надворешен советник на премиерот Мицкоски за правни работи, е предлог за нов уставен судија кој се очекува да биде изгласан наскоро, истакнуваат од СДСМ.
„Кадровско решение од кабинетот на премиерот во највисоката судска инстанца во државата.
Дополнително, Гоце Наумовски е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции од ВМРО, Васко Наумовски, со што политичките релации и влијанија се уште еднаш потврдени.
Власта ги зема под целосна своја контрола судството и обвинителството.
Го сменија јавниот обвинител и планираниот избор на обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет. Сега советник на Мицкоски во Уставниот суд“.
Според СДСМ, додека Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат, носат закони за правосудатво кои се спротивни на препораките на ЕУ.
„Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски.
Следува целосно погребување на правдата и правната држава“.

