Македонија
Судијката бара декласифицирање на информациите за „Тврдина“
Судијката, Лидија Петровска, повторно го опструира случајот „Тврдина“ во кој Специјалното јавно обвинителство сомничи седум лица за кривично дело фалсификување на службена исправа и уништување на документација од Управата за безбедност и контраразузнавање.
„Денес од судот бевме известени дека всушност не се работи за прво рочиште за главна расправа, туку дека се работи за рочиште односно подготовка за главната расправа. Се дебатираше за тоа дали постојат или не постојат пречки судот да постапува по доказите коишто беа класифицирани, а беа предложени од наша страна. Се обидовме да го појасниме нашиот став дека таквите докази не постои пречка да бидат изведени во натамошната постапка. Се раководевме од досегашната пракса на судот и упативме, исклучиво посочувам на тоа дека не е непознато за судот да постапува по класифицирани информации, особено што и законот такво нешто дозволува“, рече обвинителката од СЈО, Ленче Ристовска пред судот.
Становиштето на судот е дека СЈО треба да добие дозвола од Управат за безбедност и контраразузнавање за да ги користи тие докази.
„Од судот бевме задолжени да побараме од органот кој ги издал тие информации дозвола за тие да можат да бидат искористени во судската постапка, односно да бидат декласифицирани со степен на употреба за да може да се користат во оваа судска постапка“, додава Ристовска.
Според неа, за овој процес тоа значи кратко одложување и се надева дека ќе го надминат ова недоразбирање со судот.
Таа смета дека со ваквата одлука на судот се доведуваат во прашање сите оние предмети во кои имало класифицирани информации, судот постапувал по нив, а кои не биле декласифицирани со степен на употреба во судска постапка./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

